Манчестер Јунајтед подобар од Вест Хем, „петка“ на Арсенал

Во последниот натпревар од 13-то коло на англиското фудбалско првенство, фудбалерите на Манчестер Јунајтед дома со 1:0 го совладаа Вест Хем Јунајтед.

Решавачкиот погодок на „Олд Трафорд“ го постигна Маркус Рашфорд во 38 минута. Со оваа победа Манчестер Јунајтед дојде до петтото место на табелата со 23 бода, додека Вест Хем Јунајтед е 13-ти со 14 бодови.

Претходно во неделата Арсенал се врати на чело на табелата со убедливата победа од 5:0 над последнопласираниот Нотингем Форест, кој остана на девет бодови, три помалку од најблиската позиција која обезбедува опстанок.

Мрежата на гостите ја начна Габриел Мартинели веќе во 5 минута и тоа беше резултатот со кој се отиде на полувремето. На самиот почеток од вториот, во двата погодока во 49 и 52 минута Реис Нелсон ја потврди разликата во квалитетот. Набрзо потоа Томас Партеј со одличен удар од 20-ина метри зголеми на 4:0, а конечниот резултат го постави со уште еден убав удар Мартин Одегард во 78 минута.

Сега водечкиот Арсенал има 31 бод, два повеќе од вториот Манчестер Сити од 12 натпревари, додека третопласираниот Тотенхем со 26 и четвртиот Њукасл со 24 бодови имаат одиграно по меч повеќе.