Манчестер Јунајтед поразен уште на стартот од Премиер лигата (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед загуби на првиот натпревар во новата сезона во Премиерлигата, откако денеска беше „шокиран“ од Брајтон на свој терен со 1-2. Очекувањата на навивачите беа големи, со оглед дека Јунајтед доби нов тренер во името на Ерик Тен Хаг, од кого се очекуваше да ги среди редовите на тимот, но после првиот меч до тоа не дојде. За Манчестер Роналдо остана на клупата, додека во првиот тим играа новите имиња Мартинез и Ериксен.

Херој на Брајтон е Паскал Грос кој што е двоен стрелец. Првиот гол Грос го постигна во 30. минута, а вториот во 39. минута за водство од 0-2 на полувремето. Манчестер беше очаен по првиот дел, имаше само една шанса која не ја искористи Фернандеш.

Во вториот дел влезе Роналдо, па Јунајтед делуваше далеку подобро и поопасно. МекАлистер си постигна автогол во 68. минута и така му даде надеж на Јунајтед дека може да го избегне поразот. Меѓутоа шансите кои ги имаа до крајот не ги претворија до гол.

Дефинитивно е јасно дека на Тен Хаг ќе му требаат уште засилувања во следниот период. Пред се еден голгетер и еден играч од средниот ред. Немаше квалитет ниту во дефанзивата иако тука има и звучни имиња. За потсетување дека на клупата се најдоа Линделоф и Варан.

Во вториот натпревар, Лестер и Брентфорд одиграа 2-2. Лестер прокоцка водство од 2-0 стекнато со головите на Кастањ и Девсбури-Хал. Тонеј и Дасилва му донесоа бод на гостинскиот тим.