Манчев: Општина Босилово ја наследив во тешка состојба и големи долгови, но со домаќинско работење имаме тренд на намалување

Повеќе инвестиции за изградба на патната инфраструктура ќе биде фокусот во работата на Општина Босилово во идната 2023 година, изјави во петокот градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, на регионалната средба на градоначалниците од Југоисточниот регион од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Општината ја затекнав во исклучително тешка финансиска состојба, каде минатата година Општината имаше долг од околу 400.000 евра, 300.000 евра долг имаше комуналното јавно претпријатие „Огражден“ и околу 100.000 евра долг на основните училишта. Во моментов долговите бележат тренд на намалување и покрај тоа што се соочуваме со инфлација и една тешка економска и енергетска криза.

За наредната 2023 година, Манчев истакна дека имаат готови или е во завршна фаза 11 проекти со кои ќе се изградат нови локални патишта или рехабилитираат дел од постоечките.

„Во идната 2023 година ќе имаме изградба на 4 локални патишта со поддршка на Светската банка, каде ќе се изградат патиштата Еднокуќево – Босилово, крак Иловица, како и крак Штука. Во соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе биде изградена пешачка патека во должина од 1 километар, на брегот на реката Струмица во населено место Босилово. Во соработка со општина Ново Село и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе биде изграден локалниот пат Бориево-Колешино во долина од околу 4,5 километри, додека преку Програмата за прекугранична соработка ќе бидат бетонирани 2 одводни канали, еден во село Босилово и еден во село Бориево“, додаде Манчев.

Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.