Манчевски и Дамјановски да и’ објаснат на јавноста за скандалот со тендерот

Дамјан Манчевски и Зоран Дамјановски- Циц да не се расправаат туку да и’ објаснат на јавноста за се’ што е поврзано со тендерот, истакна денеска директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Господине Манчевски и господине Дамјановски, ниту треба да се расправате со нас од ВМРО-ДПМНЕ, ниту треба да се правдате пред нас. Ние знаеме што сте направиле. Повелете, сами, објаснете и на јавноста, како така лесно сте менувале услови во тендер откако тој е распишан? Како така лесно сте ги поставувале критериумите? Зошто до сега не сте ја информирале јавноста за овој тендер?“, прашува Димовски.

Во изминатиот период беа презентирани валидни и сериозни документи за огромниот скандал со паркинзите во Куманово.

„Веќе се е јасно и утврдено. Тендерот бил во вреднос од 22.892.000 денари или близу 400.000 евра. Главно лице за извршување на овој тендер, во име на понудувачите бил Дамјан Манчевски, поранешен шеф на кабинет на Радмила Шеќеринска, а сегашен Потпретседател на СДСМ. Тендерот го дала институција раководена од кадар на СДСМ, а назначен за директор од страна на кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц“, рече тој.

Секој ден, како што рече тој, гледаме неаргументирани оправдувања и обиди за пренасочување на темата.

„Де имало, де немало тендер. Не бил, па бил функционер. Имало приход, па немало приход. Ќе имало тужби, па ќе немало. Да имало дуел, итн. Самиот факт дека Градоначалникот на Куманово никаде го нема да се огласи по овој скандал, доволно говори дека тој самиот е свесен што направиле…Ние, од ВМРО-ДПМНЕ имаме два разумни предлози до Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и до кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц. Првиот предлог е да го раскинат договорот, и тоа да го раксинат од етички причини“, додаде Димовски.

Доколку не го направат тоа, вториот предлог е да ја понесат политичката и морална одговорност и да си поднесат оставки од нивните функции. Манчевски од Потпретседател на СДСМ, а Дамјановски од Градоначалник на Куманово.

„Би сакале да потенцираме дека ние повеќе би посакувале тие да го раскинат договорот од етички причини, а средствата кои се излиле по овој основ да се вратат во општинските институции на Куманово и да се искористат за многу од горливите проблеми во таа општина. Граѓаните на Куманово, а и ние, би ценеле ако во Општина Куманово конечно се реши проблемот со ѓубрето и депониите, ако се направи долгонајавуваниот, а не направен базен, ако се вратат дел од долговите на Општина кои за жал, како во секоја општина раководена од СДСМ воопшто не се мали. Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц треба да разберат дека ова не е скандал кој може да се заборави“, додаде тој.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.