Манчевски нова жртва на пресметката меѓу струмичкото и скопското крило, односно Заев и Шекеринска

1894

Што се случува во СДСМ е прво логичко прашање кое се поставува по изненадното повлекување на Дамјан Манчевски од политиката?!

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација преку Фејсбук најави дека се повлекува од политиката и дека прифатил ангажман во приватниот сектор каде неспојливо е да биде и политички ангажиран.

„Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ“, соопшти Манчевски.

Ова за сите во политиката беше гром од ведро небо, бидејќи Манчевски беше еден од најистурените играчи на СДСМ и Владата, како министер кој остави трага со своето работење и во моментите кога чекаше да биде назначен за генерален секретар на Владата, поради што си поднесе и оставка на пратеничката функција.

Тој вели дека ја напушта политиката кога можеби најмалку се очекува, но сепак решил да се врати на професијата и во приватниот сектор.

„Оваа моја одлука нема никаква врска со која било состојба во политиката. Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Оваа одлука во исто време е и доста емотивна за мене“, нагласува Манчевски.

Но, можеби таа извонредна понуда не е онаа договорената – генерален секретар магистерот по електротехника и телекомуникации?

Прашање е во колкава мера влијаело случувањето во владата, односно пресметката меѓу вицепремиерот Артан Груби и генералниот секретар Драги Рашковски за кабинетот на генералниот секретар.

„Генералниот секретар на Владата беше практично принуден да се исели и да оди во четвртата кула, во кабинетот на досегашниот министер без ресор Роберт Поповски, функција која е веќе укината“, беа муабетите од Владата за шлаканиците од Груби на Рашковски.

Манчевски по изборите се споменуваше како сериозен кандидат за функцијата генерален секретар на Владата, каде сега е Драги Рашковски. Манчевски ниту ги демантираше ниту ги потврди тие информации.

Ова е знак дека тивката борба во партијата продолжува, меѓу струмичкото и скопското крило предводени од премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, министерка за одбрана и втор човек на социјалдемократите. Неофицијално, муабетите што се вртат во партијата, е дека Манчевски се налутил затоа што бил ставен на листата за чекање за генерален секретар на Владата. Тој сметал дека тоа е навреда за довчерашен министер и ударна тупаница на партијата и ја прелеало чашата и решил да се врати на бизнисот кој добро му одел и претходно. Но, му било ветувано дека ќе биде и потпретседател на Собранието.

Сепак, суштинското недоразбирање во водењето на политиката е што СДСМ станала султан-партија и за неа одлучуваат двајца – Зоран и Вице Заеви. Токму во овој дел најмногу се судираат скопското и струмичкото крило. Ако се сумираат резултатите од поделбата на местата, или оние што имаа функции, скопското крило е голем губитник. Роберт Поповски, Нина Ангеловска, Бранимир Јовановиќ, Сенад Сенко Смаиловиќ … сите од скопското крило останаа или намерно се откажаа од функциите.

Според добро упатените во СДСМ, дефинитивно Заев се пресметува со Радмила Шекеринска и скопското крило. Затоа нејзините кадри се тргаат од функции или се разместуваат.

Можеби Манчевски не сакаше да каже дека има раскол во партијата, па во повлекувањето од политиката им се заблагодари на предводниците на двете крила, Заев на струмичкото и Шекеринска на скопското, која и го внесува Манчевски во политиката.

Од друга страна, се смета дека директорот на ЈП Улици и патишта е наместен Сенко Смаиловиќ со двете пакувања кокаин во Струга, за да биде полесно неговото отстранување од функцијата, а постапка се води како да е корисник. Тоа наведува дека некој имал задни намери.

Вакви примери има повеќе, засега се молчи. Сепак, скопското крило ќе го крева гласот и гласно ќе проговори за сите случувања во партијата, затоа што ситуацијата станува неиздржлива во партијата, а со тоа и на функционирањето на коалицијата, каде што се трпат многу уцени. Во таа насока е и меѓународната политика на Владата. Сето тоа е со една цел, струмичкото крило да ја има превласта во партијата за да се одржи на власт и да управува со бизнисите во државата, при што најголема корист ќе имаат водачите на крилото.

Деновиве некои работи излегоа од колосек, за да не дојде до поголем срам за партијата и државата, скопското крило најавува жестока битка со која треба да и стават крај кланското владеење во СДСМ и злоупотребата на државата за лични интереси.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.