Манчевски: Нови вработувања нема, се продолжуваат договори на веќе ангажирани лица ако има потреба

Не е точно дека има нови вработувања. Тие се забранети со Уредба на Влада. Се продолжуваат евентуално само договори, но на лица кои претходно биле ангажирани, ако се процени дека има потреба, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Мнчевски за „Детектор“ децидно ги отфрла обвинувањата на неговата заменичка Невенка Стаменковска Стојковски, дека „СДСМ и во овој период продолжува да вработува, иако тоа со владината Уредба е забрането“.

-Апсолутно не е точно тврдењето на заменичката. Забранети се нови вработувања освен ако не се работи за договори на луѓе кои се веќе ангажирани, односно за места кои веќе постојат и на кои се ангажирани лица. Донесовме Уредба на Влада со која тоа го забранивме. Зошто би носеле Уредба ако правиме нешто друго. Согласно потребите на институцијата може да се обноват договорите, но на веќе ангажираните луѓе. Не се работи за зголемување на бројот, тврди министерот.

Манчевски истакна дека сите министри во овој период работат за минимална плата.

-Бараме од сите останти чинители во општеството, и од јавниот и од приватниот сектор, да покажат минимум дел од таа солидарност, напомена Манчевски.

Анкетата на „Детектор“ покажува дека вкупно 80 отсто од граѓаните мислат дека јавниот сектор е партизиран, а само 8,2 процента имаат спротивно мислење, покажува анкетата на „Детектор“. Според граѓаните, без партиска книшка многу е тешко да се најде вработување во администрацијата. Сепак, повеќето од нив, повеќе би одбрале вработување во јавниот, отколку во приватниот сектор.

-За жал, ова е состојба во која граѓаните се наоѓаат подолго време и ова е впечаток што го имаат со децении. Факт е дека некои од политиките што почнавме да ги спроведуваме пред да се распишат предвремените парламентарни избори и пред корона-кризата, не беа реализирани 30 години. Во јавниот сектор, во поставеноста на институциите, постои прилично поголем хаос. Конечно, со поддршка на ЕУ, почнавме да работиме на целосна реорганизација, потенцира Манчевски.

Сегашниот систем, додаде, е поставен така, да за вработување на неопределно работно време, не може да се има никакво влијание од никого, а селекцијата на кандидатите е целосно автоматизирана.

Тој рече и дека се согласува со граѓаните според кои, ќе имаме многу попрофесионална администрација откако ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.