Манчевски: Операторите ќе бидат казнети, незаконски ги исклучија ТВ – каналите

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави на Фејсбук дека операторите кои денеска времено прекинаа со реемитување на програмата ќе бидат казнети. Мначевски наведува дека е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации кој гласи:

 Член 115

(1) Операторите кои обезбедуваат пристап до јавна електронска комуникациска мрежа можат, без согласност на корисниците, привремено да го ограничат или прекинат пристапот до нивните услуги, доколку тоа е потребно заради реконструкција, модернизација, одржување или во случај на технички пречки или недостатоци во мрежата.

Со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот.

Манчевски ги наведува и членовите од Законот кои предвидуваат казни. Членот 182 предвидува глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност да му се изрече за прекршок на правно лице, односно трговец поединец, ако изврши привремено ограничување или прекин на пристап, а членот 186 предвидува прекршочна санкција забрана на вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години, а за одговорното лице прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година.

Покрај ова, Манчевски наведува и дека сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно регулаторно тело.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.