Манчевски: Реформата на администрацијата нема да има жртви, секој ќе си го најде соодветното место

Со реформата на администрацијата никој нема да биде избркан од работното место, а оние кои ќе заминат во приватен сектор да имаат подобри услови за работа и поголеми плати, вели мМинистерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски во емисија „ЕУ клик“ на ТВ21.

– Да овозможиме повисоки плати, никој да не биде избркан од работното место, а оние кои ќе заминат во приватен сектор да имаат подобри услови за работа и поголеми плати. Со еден збор, нема да има ниту една жртва, затоа поентата ни е да го искористиме човечкиот потенцијал, а не да ги оставиме без работа, дури и оние чија работна позиција би се укинала во новата систематизација. Впрочем, ние сме социјална држава, лево ориентирана партија, што значи дека поголема грижа ќе водиме секој да има работно место, но според звањето, искуството и знаењето, рече Манчевски.

Тој посочи дека начелно имаат четири модели за трансформирање на јавната администрација и оти нивната цел е да направат професионална, ефикасна и бројно доволна администрација со која подобро ќе функционира системот, но и да се овозможуваат повисоки плати.

Министерот објаснил дека првиот модел е со субвенции за придонесите на административците кои ќе преминат во приватен сектор. Посочи дека со овој модел приватните работодавачи ќе имаат обврска за поголеми плати на вработените, затоа што државата ќе ги помогне финансиски.

– Вториот модел е државата да го плати процесот на преквалификација, а потоа приватниот сектор да ги апсорбира квалификуваните кадри без државата да има финансиски обврски понатаму и ова е модел што најмногу им одговара на работодавачите затоа што ќе имаат целосно подготвен кадар. Третата опција е со внатрешна преквалификација, односно еден административец да може да се стекне со знаења и вештини за друга позиција во самата администрација. И на крајот се нуди опцијата секој административец што сака да замине тоа да го направи со отпремнина со одреден број на плати, рече Манчевски.

Во моментов, посочи Манчевски, има 19 отсто административци од вкупниот број вработени во државата што значи дека Македонија не отскокнува од европскиот просек кој изнесува 17 отсто, но затоа во држави како скандинавските тој процент е над 20, а некаде и 30 отсто. Во врска со департизацијата на административните служби, министерот Манчевски истакна дека е подготвен Закон за високо раководна служба со крајна цел, како што рече, секој што ќе биде вработен да го помине филтерот преку независна комисија.

– По примерот со изборот на Антикорупциската комисија, сега предвидуваме формирање на независна комисија од вкупно 11 членови, од кои само четворица ќе бидат пратеници. Таа комисија ќе мора низ отворена и јавна постапка да ги избере најдобрите кандидати за раководни позиции во администрацијата и за секое раководно место на Владата да му понуди три кандидати, од кои потоа ќе биде избран најдобриот. Овој закон е напишан заедно со Европската Унија и следната недела се очекува расправа во собраниската комисија за политички систем, рече Манчевски, пренесено преку соопштение на СДСМ.

Тој во емисијата обвини дека целиот процес на реформи во администрацијата го кочи опозицијата, која, како што рече, е против професионални и стручни кадри и која не сака промени, туку инсистира да остане се по старо и затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ отвораат непотребни конфронтирања.

– Владата на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не ја објави точната бројка на административци, тоа беше на ниво на државна тајна. Ако сака опозицијата вистинска реформа, а не и се допаѓаат предвидените модели за реорганизација тогаш има прилика да изнесе свои предлози и идеи, но во ниту еден случај не може да се нападне целиот концепт, а при тоа да не се нуди решение, изјави Манчевски.

Тој истакна дека после 30 години државата има подготвено анализа заедно со странски експерти која предвидува целосно нова поставеност на органите на државната управа, а ќе биде јавно преставена на почетокот на февруари.