Мандатарот Ковачевски тешко го екипира новиот владин кабинет?!

Најмалку дваесетина истакнати членови на СДСМ, поранешни функционери, професори и сегашни високо-позиционирани административци и стопанственици, ја одбиле понудата на мандатарот Димитар Ковачевски за членови на неговиот кабинет, дознава НетПрес од извори во владејачката партија.

Според нашите информации, постои најмалку една главна и две споредни причини заради кои реализирани личности во своите професии го одбиле Ковачевски да се нафатат да водат ресори во старо-новиот владин кабинет. Главната причина е што перцепцијата во јавноста и кај сите на кои им била понудена позиција е дека поддршката од народот ја нема и неповратно е загубена, без оглед на тоа кој ќе се нафати да биде дел од новата влада.

Споредните причини, пак, воглавно се поврзуваат со невозможната функционалност на новата влада со ултиматумите и уцените што доаѓаат од коалицискиот партнер ДУИ, кои со сигурност ќе бидат надополнети и од Алтернатива и останатите учесници во власта. Ова политичко наследство, кое на заминување го остави Заев на Ковачевски, се чини како најголемиот товар со кој ќе се носи новиот премиер.

Не помалку значајна причина за одбивањето на дел од понудите за функции во новата влада е и галопирачката корупција која буквално експлодира во сите сектори, а особено во енергетскиот. Според коментарите од внатрепартиски кругови во СДСМ, досега опозицијата успеала да разоткрие значителен дел на корупциски афери, но последните неколку од енергетскиот сектор, кои сеуште се непознати за јавноста во целост, ќе ги потврделе незаситноста и алчноста за грабање на државни пари од страна на картелот од струмичко Муртино.

Годината во која најголем дел од државите ќе излезат од пандемијата со изразено зголемена економска активност, Македонија ќе ја дочека со парализирана влада на Ковачевски која нема да има можност да испорача ниту еден капитален проект, ниту една нова услуга за граѓаните, а ниту пак ќе има економски или енергетски резултати со кои ќе се подобри стандардот на народот.

Единственото наследство од Заев кое Ковачевски обилно ќе го користи ќе биде контролата и заплашувањето на медиумите, демонизирањето на опозицијата и извртувањето на тези за уживање на некаква меѓународна поддршка. Во меѓувреме корупцијата, криминалот, инфлацијата и поскапувањата ќе продолжат да растат. Со оваа нова влада, автопатите кон Охрид и Блаце и понатаму ќе ги нема, исто како и гасификацијата на македонските градови. Нови странски инвестиции и крупни капитални проекти ни од далеку нема да бидат на хоризонтот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.