Мандатарот на либанската влада се повлече по неуспехот да состави кабинет

29

Мандатарот за состав на новата либанска влада Мустафа Адиб се повлече откако по речиси еден месец се обидуваше да состави непартиска влада, во што не успеа и покрај притисокот од Франција да се направи обид да се надмине најтешката криза од граѓанската војна од 1957 до 1990 година.

Адиб, поранешен амбасадор во Германија, на 31-ви август беше избран да состави експертска влада во Либан, каде политичката моќ ја делат муслиманите и христијаните. Но неговите напори наидоа на пречка поради именувањата во владите, особено на местото министер за финансии, кој би имал пресудна улога во изработката на програмата за излегување на земјата од длабоката економска криза.

Погодени од огромните долгови, либанските банки се парализирани, а националната валута е во слободен пад. Разговорите со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за виталниот пакет помош запреа годинава. Првата задача на новата влада, оттаму, би била повторно да ги започне преговорите.

Адиб, сунитски муслиман во земјата во која се влијателни и ривалските шиитски муслимани, изјави дека отстапува од „задачата да состави влада“ по состаникот со Мишел Аун, кој е христијанин.

Составувањето на владата наиде на пречка поради барањето на двете главни либански шиитски групации, Амал и Хезболах, да именуваат кандидати на неколку позиции, вклучително и министер за финансии. Адиб одржа неколку состаноци со водечките шиитски политичари, но не успеа да постигне договор за начинот на изборот на министрите

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.