Маневски: По наредба на Заев и Шилегов именувани 138 членови на одбори, „шарени“ активисти и членови на СДСМ добија месечни паушали за четири години

Советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски на денешната прес-конференција истакна дека во текот на вчерашниот ден во Советот на Град Скопје се извршил вистински масакр на членовите на Управните и надзорните одбори во Јавните претпријатија, образовни и културни установи на Градот Скопје.

Маневски посочува дека со тоа грубо продолжува реваншизмот и насилството врз Уставот и законите.

„Советниците на СДСМ, по наредба на Зоран Заев и градоначалникот Петре Шилегов, само со едно надгласување на точка во Советот, именуваа 138 членови, во над 52 надзорни и управни одбори, спротивно на Законот за локалната самоуправа и Деловникот за работа на Градот Скопје. СДСМ и Шилегов, пред Новата година наградија со 4 годишни месечни паушали над 138 шарени активисти и членови на СДСМ, некои од нив веќе вработени во кабинетите на Зоран Заев и Петре Шилегов. Меѓу предложените за членови може да се сретнат и имиња како советникот на Заев, Влатко Васиљ, кој како активист на Шарената револуција веднаш по доаѓањето на СДСМ на власт беше вработен во Владата како советник на Заев, а сега е и награден со член на управен одбор“, рече Маневски.

Посочи дека претседателката на Совет на Град Скопје, Љубица Јанчева, непочитувајќи го Деловникот за работа на Советот, материјалите со новите предлог членови не ги доставила до членовите на Советот во рок од најмалку 7 дена, колку што е пропишано со Деловникот за работа на Советот на Град Скопје, туку ги доставила само еден ден пред почнување на седницата, без податоци за личноста на предложените кандидати и условите кои тие треба да ги исполнуваат согласно законот.

„Во членот 61 од Деловникот за работа на Советот за Град Скопје задолжително е предвидено материјалите за седница за Советот да се достават најдоцна во рок од 7 дена, а тоа што го направија е спротивно и на чл.39 ст.4 од Законот за локалната самоуправа. Без законски основ се бркаат од работа и се оставаат на улица 26 вработени во ЈП Водовод и канализација и со тоа грубо се кршат нивните законски права. СДСМ по правило постапува спротивно на законите и донесува одлуки по партиска директива. Нив не им е важно функционирањето и професионализацијата на институциите, туку единствено им е важно да ги пополнат со партиски послушници. Од ново именуваните 138 луѓе во УО и НО ќе се видат само партиски членови на СДСМ вклучени во кампањата за локалните избори и во т.н. Шарена револуција“, додаде Маневски.

Актуелниот советник и поранешен министер за правда заклучи дека очигледно „дојде животот во Македонија, но само за кадрите и членовите на СДСМ и на Шарената револуција“. Тоа ли е враќање на животот во Македонија?, праша Маневски.