Манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение“

Oпштина Илинден традиционално осмма година по ред ја организира Манифестацијата со наслов ,,Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение”. Оваa уникатна и единствена од ваков вид манифестација која што истовремено ги обединува образованието, културата, уметноста, традицијата и религијата ќе се одржи на 17 април (четврток), во периодот од 10 до 14 часот во Домот на култура „Илинден“, во населба Илинден.

По повод големиот христијански празник Воскресение Христово-Велигден, учениците од трите основни училишта и дечињата од градинката во Општина Илинден ќе украсат 2014 Велигденски јајца во знак на Двеилјадиичетиринаесеттото лето Господово што ќе ги подарат на секој посетител што за возврат ќе подари книга. Собраните книги се наменети за „Општинската библиотека Илинден“.

Во изминатите седум години во манифестацијата ,,Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение” што традиционално се одржува секоја година на Велик четврток, во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, вкупно се собрани над 22.000 книги.

Ја користиме можноста, покрај поканата за учество на претстојната манифестација, уште еднаш да им се заблагодариме на сите досегашни учесници во „Подарете книга за Велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение“ кои што подарија книги, на преставниците од бизнис секторот, повеќе издавачки куќи, научни институции и факултети, учениците од основните училишта, како и големиот број граѓани, кои со дарувањето книги го збогатија библиотечниот фонд на првата „Општинска библиотека Илинден“, како и библиотеките во основните училишта „Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“.