МАНУ на страната на СДСМ: Предлага враќање на Собранието и нов датум за избори

Пратениците да се вратат на работа и веднаш по потврдување на одлуката за вонредна состојба, да одредат нов датум за избори. Ова се предлага во анализата на Македонската академија на науките и уметностите. Во документот насловен Анализа на правните аспекти на вонредната состојба академците заедно со правни експерти велат дека нема никакви правни пречки за Собранието по сопствена иницијатива да се врати во функција и покрај одлуката за самораспуштање. Подготвувачите на анализата сметаат дека бидејќи не исполнета целта за која што пратениците се распуштија сега тие може повторно да се вратат во собраниските клупи и да ја извршувааат својата функција.

„Изложената аргументација дава доволно основи за постигнување политички консензус на парламентарните партии за донесување од пратениците одлука за свикување на седница на Собранието на која тоа:  – ќе ја потврди одлуката на Претседателот за вонредната состојба, – ќе расправа за вршењето на овластувањата на Владата и за донесените уредби со законска сила, – ќе донесе, по престанокот на вонредната состојба, нова одлука за датумот на одржување на избори за пратеници, затоа што само Собранието има уставно овластување за донесување таква одлука, а веќе донесената е беспредметна со истекот на времето на кое се однесувала“, се вели во анализата.

Во анализата се наведува дека доколку сепак пратениците не сакаат да го сторат тоа, на работа треба да ги врати Уставниот суд поништувајќи ја или укинувајќи ја одлуката за распуштање на парламентот.

,,Ако пратениците, односно нивните партии, не можат да постигнат консензус околу таквиот предлог, останува работите да ги пресече Уставниот суд со одлука за поништување на одлуката за распуштање на Собранието, и со тоа враќање на работите на нивниот исправен уставен пат“, заклучуваат во МАНУ.

Документот подготвен од Истражувачкиот центар на МАНУ, како што се наведува, ќе биде испратен до претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието, претседателот на Уставниот суд и Министерството за правда.

Анализата доаѓа само ден пред седницата на Уставниот суд в среда на која што се очекува по иницијатива на уставниот судија Осман Кадриу уставните судии да одлучат дали ќе отворат постапка за одлуката на Собранието за распуштање. Според образложението на уставните судии, одлуката на пратениците би можела да биде поништена со образложение дека целта за која што се распуштиле не е остварена и истечени се сите рокови за одржување на избори поради што тие мора да се вратат на работа и да ја извршуваат својата законодавна одлука.

Од друга страна, анализата се објавува и во денови кога СДСМ на чело со лидерот Заев стануваат се погласни дека се наопходни избори час поскоро. Веќе неофицијално се предлагаат и термини кон средината на јуни. Неофицијално, власта веќе разработува и модели како да се организираат избори во ек на епидемија на заразна болест.

ВМРО ДПМНЕ засега остро се спротивставува на ваквите најави со образложение дека здравјето на граѓаните сериозно може да биде загрозено доколку се закажат избори и се организираат предизборни настани и доколку се преземат сите превентивни мерки. Во опозицијата сметаат дека засега фокусот на сите субјекти во државата мора да остане на справување со здравствената криза и санирање на штетите врз економијата.