МАНУ: Немаме информации за содржината на договорот со Бугарија

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во четвтокот по речиси цела седмица прозивки во јавноста ги оцени како неточни и крајно тенденциозни тврдењата на Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј на Бугарија.

 

Македонските академици сметаат дека неговите антимакеоднски ставови им се добро познати на МАНУ и на пошироката македонска јавност и не заслужуваат посебен коментар.

„Меѓутоа, загрижува фактот што на таквите провокации се „прилепуваат“ наши политички партии, кои, без претходно да ги проверат фактите, ја обвинуваат МАНУ за „молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, за наводна нејзина приврзаност кон една или друга политичка партија, за клиентелизам и за поткупливост“. МАНУ енергично и со индигнација ги отфрла ваквите ставови и квалификации. МАНУ е врвна научна и уметничка институција, а нејзината самостојност и независност е загарантирана со Законот за МАНУ“, соопшти претседателството на МАНУ.

Во дописот до медиумите МАНУ пишува дека не била и нема да биде приврзок на ниту една политичка партија и дека не поседува информации за преговорите и содржината на договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија поради што, наведува, и не може во оваа фаза од преговорите да ги соопшти своите оцени и ставови.

„Апсурдни се и неразбирливи сомневањата искажани од страна на некои политички партии дека МАНУ, не реагирајќи на провокациите на д-р Божидар Димитров, се откажува од заштитата и одбраната на македонскиот јазик, македонската историја, идентитет и култура. Напротив, фактите се сосема поинакви. МАНУ и Бугарската академија на науките (БАН) во периодот по 2014 година остварија извонредно богата научна и културна соработка базирана врз принципите на рамноправност и заемно почитување и уважување, информира Академијата.

Во соопштението посочува дека се реализирани 30 заеднички научноистражувачки проекти во различни области на науките и уметностите, а неодамна е договорена и соработка врз 15 нови проекти. Резултатите од истражувањата, посочува МАНУ, редовно се објавуваат во заеднички двојазични зборници на трудови на македонски и на бугарски јазик, во Софија и во Скопје, а презентациите и промоциите на трудовите, исто така, се вршат на македонски и на бугарски јазик, во БАН и во МАНУ.

„На заедничките научни собири во Бугарија и во Македонија се говори на македонски и на бугарски јазик. Расте бројот на литературни творби на наши академици и други автори преведени на бугарски и обратно. Се организираат изложби на македонски и на бугарски уметници во Софија и во Скопје. Двете академии заеднички го чествуваат празникот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј во Софија и во Скопје, а настапите на академиците од двете земји се објавуваат во заеднички зборници на македонски и на бугарски јазик, итн. Сите информации за оваа богата соработка редовно се објавуваат на нашата веб-страница. Има ли подобар начин на заштита и афирмација на нашата наука, јазик, култура, историја и идентитет?“, наведува претседателството на МАНУ во соопштението-реакција.