Mапа на Њујорк тајмс – Македонија во окер боја („отприлика исто“), Хрватска и Црна Гора црвени

На новата мапа на светот на Њујорк тајмс, на која е прикажан развојот на пандемијата на коронавирусот земја по земја, Македонија се наоѓа во групата „земји каде што новите случаи се отприлика исти“ во последните 14 дена.

На мапата земјите се класификувани според стапката на пораст на нови случаи во последните 14 дена, па иако одделни земји имаат мал број заразени, се смета процентот на порастот на новозаболените последните денови.

Македонија се наоѓа во групата земји каде што бројот на новозаразени е стабилен, заедно со Франција, Шпанија, Италија, Финска, Белгија и други.

Хрватска и Црна Гора се единствените земји во Европа што се означени со црвена боја, која е знак за „значителен пораст на бројот на случаите“.

Србија е прикажана со светлопортокалово, како земја со благо зголемување на бројот на заразените лица, исто како и Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Албанија.

Меѓу европските земји каде што тој број се намалува, па се обоени во сина боја, се Словенија, Велика Британија, Полска, Грција, Канада, Русија…

Мароко, Киргистан, Екваторска Гвинеја и Малави се обележани со црвена боја во светот.

Њујорк тајмс забележува дека епидемијата се смирува во некои земји што биле сериозно погодени во раната фаза, но предупредува дека бројот на новите случаи низ светот расте побрзо од кога било, со оглед дека дневно се пријавуваат повеќе од 100.000 нови инфекции.

Весникот вели дека во последните две недели е забележано зголемување на бројот на нови случаи во скоро двојно повеќе земји од оние што пријавиле пад, што е последица на жариштата во Латинска Америка, Африка, Азија и Блискиот Исток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.