Влијателниот и високотиражен шпански спортски дневен весник Marca го вмброи донеодамнешниот македонски репрезентативен капитен Горан Пандев меѓу 16 фудбалери кои оставија најголем впечаток досега.
Коментаторот на весникот, меѓу другото, за Пандев напиша: „Неговиот тим, дебитант, беше прв елиминиран на турнирот, но поранешниот играч на Интер, Лацио и Наполи остави свој траг на голем начин. Неговиот гол во поразот против Австрија (3-1) го направи вториот најстар стрелец (37 години и 321 дена) во историјата на турнирот.
Само Австриецот Ивица Вастиќ е пред него, кој во 2008 постигна гол со 38 години и 257 дена. Пандев исто така изнуди пенал кој претходеше на голот на Алиоски на мечот со Украина. Во поразот против Холандија неговите соиграчи во чест на него направија коридор за да му кажат збогум од националниот тим, се пензионира со 122 настапи и 38 голови“.
Покрај Пандев на листата се најдоа: Рахим Стерлинг (Англија), Били Гилмур (Шкотска), Џоел Похјанпало (Финска), Патрик Шик (Чешка), Дензел Думфрис (Холандија), Мануел Локатели (Италија), Микел Дамсгор (Данска), Ромелу Лукаку (Белгија), Емил Форсберг (Шведска), Давид Алаба (Австрија), Робин Госенс (Германија), Атила Салаи (Унгарија), Џорџино Вајналдум (Холандија), Лука Модриќ (Хрватска) и Кристијано Роналдо (Португалија).