Мардок ја раскина свршувачката неполн месец откако ја објави венчавката

Медиумскиот магнат Руперт Мардок и стоматолошката хигиеничарка која стана конзервативна радио водителка Ен Лесли Смит ненадејно ја прекинаа свршувачката, објавија американските медиуми во вторникот.

Мардок, кој има 92 години, пред помалку од еден месец ја објави венчавката, велејќи за својот весник The New York Post дека ќе се жени со Лесли Смит и дека двојката ќе ја мина „втората половина од нашите животи заедно“.

Меѓутоа, магазинот Vanity Fair, повикувајќи се на неименувани извори блиски на Мардок, пишува дека плановите за венчавката ненадејно се запрени. Списанието објави дека еден извор рекол дека на Мардок му станало непријатно поради верските ставови на 66-годишната Смит.

Церемонијата била планирана за ова лето, една година по разводот на Мардок од неговата четврта сопруга, поранешната манекенка Џери Хол.

Австралиецот Мардок, чијашто медиумска империја ги вклучува и влијателните деловниот дневен весник The Wall Street Journal и телевизијата Fox News како и други влијателни медиуми, според магазинот Forbes поседува капитал проценет на повеќе од 20 милијарди долари.

Во изјавите од минатиот месец Мардок изразуваше одушевеност од врската со Смит.

„Бев многу нервозен. Се плашев од вљубување, но знаев дека ова ќе би биде последното. Добро да е. Среќен сум“, изјави тогаш за The New York Post.

Двојката се запознала минатата година на настан кој Мардок го организирал во неговите лозови насади во Калифорнија.

„Ако го ставиме во перспектива, ова не е моето прво родео. Да се дојде близу 70-те значи да се биде во последната половина. Го чекав вистинското време. Моите пријатели се среќни поради мене“, изјави Смит.

Мардок, кој има шест деца, првпат беше оженет со Патриција Букер, австралиска стјуардеса, од којашто се разведе уште кон крајот на 1960-те. Тој и неговата втора сопруга, новинарката Ана Торв, беа заедно повеќе од 30 години пред да се разведат во 1999 година. Неговиот трет брак со Венди Денг заврши во 2013 година.