Маргарет Атвуд и Бернардин Еваристо наградени со Букер за 2019-та

282

Канадската писателка Маргарет Атвуд и британската авторка Бернардин Еваристо се добитнички на престижната книжевна награда Booker за 2019 година, одлучи петчленото жири.

За невообичаената одлука на жирито да ја додели наградата на двајца автори од кусата листа номинирани, беше објавено во понеделникот вечерта за време на церемонијата на доделувањето на наградите во Лондон. Во потесниот избор номинирани за Booker Award за најдобар роман на годината беа земени шест автори чиишто дела се објавени во Велика Британија на англиски јазик. Покрај добитничките, беа и Салман Ружди, Чигоши Обиома, Луси Елман и Елиф Шафак.

Атвуд, која ова признание го има добиено и во 2000 година, ја освои наградата за анти-утописки роман „Testimonials“ (Сведоштва), продолжеток на романот „Приказната на слугинката“ според кој е снимена и истоимената популарна телевизиска серија. Еваристо, пак, е наградена за делото „Girl, Woman, Other“ (Девојка, жена, друго), нејзина осма книга инаку збирка стории за дванаесет жени чиишто животни патишта се испреплетуваат.

„Десетмесечниот процес (за избор на претендентите и одредување на победникот) беше неверојатна авантура. Денеска ние (со другите членови на жирото) пет часа ги разгледувавме книгите во кои се вљубивме. Два романа, од кои не можеше да се избере само еден. Ова се извонредни книги што ќе им донесат вистинско задоволство на читателите и ќе одѕвонува во срцата на луѓето уште многу генерации“, изјави претседателот на жирото, Питер Флоренс.

Дејствието на книгата „Тestimonials“ на 80-годишната Атвуд се одвива 15 години по последанта сцена во „Приказните на слугинката“, а ја раскажуваат три женски лика. Преку нив авторката раскажува нова приказна за суровиот свет во кој фундаменталистичките христијани ги угнетуваат жените во САД, кои се распаднале и преживеале еколошка катастрофа. Првата книга датира уште од 1985 година и е продадена во осум милиони примероци само на англиски јазик, а 34 години подоцна на 10-ти септември годинава се појави „Сведоштва“.

Шеесетгодишната Еваристо, првата црна писателска наградена со Booker во 50-годишното постоење на изборот, изјави дека е „апсолутно одушевена што ја дели наградата со Маргарет Етвуд“. Нејзиниот роман зборува за животот на жените во семејствата на имигранти од Африка и Карибите во Велика Британија, и на оние кои остваруваат успех и на оние кои тонат на самото дно од општеството. Според писателката, родена во семејство на нигериски имигрант работник и учителка по англиски јазик, во својата книга таа сакала „да го истражи скриениот дискурс на африканската дијасппора“ во Обединетото Кралство.

За другите кандидати

Годинава Салман Ружди, кој е лауреат на Booker, повторно беше во конкуренцијата. Неговата книга „Quichotte“ (Кихот) преставува своевиден роман во роман. Главната фабула е за патешествието по Америка на современиот Дон Кихот, патувачкиот агент за продажба Исмаил, кој е изместен од умот не од романите за рицарите туку од гледањето телевизиски шоуа, и создава друг херој на Ружди, постар имигрант кој страда од осаменост, автор на таблоидни детективски стрипови.

Во потесниот избор за наградата се најдоа и Нигериецот Чигоши Обиома со романот „An Orchestra of Minorities“ (Оркестар на малцинствата) и Турчинката Елиф Шафак со книгата „10 Minutes 38 Seconds in This Strange World“ (Десет минути и 38 секунди во чудниот свет).

Триесет и двегодишниот Обиома со последователниот по дебитантскиот роман „Рибарите“ веќе по вторпат влезе во „потесниот список“ за наградата. Критичарите неговата книга, во која се следат перипетиите во животот на сиромашен нигериски фармер кој се наоѓа во Европа, ја споредуваат со „Одисеја“ на Хомер, чиешто сиже делумно се повторува во „Оркестарот на малцинствата“.

Новиот роман на Шафак, која е најчитаниот писател во Турција, ја раскажува трагичната приказна на млада проститутка која умира во контејнер за отпад на периферијата на Истанбул. Во мај годинава турските власти отворија истрага во врска со Шафак и уште неколку турски автори чии дела го покренуваат прашањето за сексаулната злоупотреба на децата.

За годинешнaта Booker претендираше Американката Луси Елман, која живее во Шкотска, а нејзиниот роман „Ducks, Newburyport“ (Патки, Њуберипорт) опфаќа повеќе од илјада страници, но истовремено се состои од само една – екстремно долга реченица. Целата книга е всушност бескраен монолог на домаќинка од Охајо, којашто се грижи за сѐ на светот, од пукањата во училиштата и нуклеарната закана до намалувањето на популацијата на африканските слонови дПо кантите за ѓубре на ракуните.

Книгата на Елман претендира да влезе во Гинисовата книга на рекордите како најдолгиот роман кој се состои од една единствена реченица. Во неа има повеќе од 426 илјади зборови. Досега, официјалниот рекорд му припаѓа на делото на францускиот писател Матијас Енар „Зона“ од 2008 година, кое е 500 страници.

Паричниот дел од наградата изнесува 50.000 фунти. Секој од авторите чии дела влегоа во потесниот избор ќе добире по 2.500 фунти и специјално издание на неговата книга.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.