Марија Дуковска Павловска нова генерална директорка на „Макстил“

Акционерското собрание на Макстил А.Д. – Скопје поради истекот на мандатот на Одборот на директори го изгласа новиот состав на одборот на компанијата за наредниот мандат од 4 години. Нов член на одборот е Марија Дуковска Павловска која на првата седница е избрана за нов генерален директор на Макстил, на местото на досегашниот генерален директор Иван Бановски. Дуковска Павловска, која ќе стапи на должноста од 1-ви февруари, поседува богато менаџерско искуство во областа на финансиите и индустријата, а на новата позиција доаѓа од позиција на управител на KEMET Електроникс Македонија, управител на КЕМЕТ Електроникс Бугарија, директор за ЧР на КЕМЕТ за Источна Европа и на едукација за Европа, како и член на проширениот лидерски тим на КЕМЕТ Електроникс.

Одборот на директори ја изрази својата благодарност на Бановски за неговиот драгоцен придонес во текот на изминатите 8 години како член на Управниот одбор на Макстил, но уште повеќе како генерален директор на компанијата, со што овозможи Макстил да постигне важен напредок и да се развива во модерна, динамична компанија каква што е денес.

Бановски останува во Макстил и ќе продолжи своето големо искуство и експертиза да ги вложува во компанијата и да дава поддршка со својот професионален придонес.

Освен оваа, aкционерското собрание на Макстил изгласа и промена (по нејзино барање) на независниот член на одборот Татјана Шишковска, на чие место беше назначена Александра Мишковска, како нов независен член на одборот.

Со промените во управувачката структура на Макстил, компанијата останува посветена и фокусирана на постигнување поголеми резултати на меѓународните пазари, со континуирани инвестиции во подобрување на производните процеси и во воспоставување безбедна работна средина со можности за професионално унапредување за вработените, како и компанија со обемна општествена одговорност и активно учество во подобрување на заедницата.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.