„Марија Кири – Склодовска“ се враќа повторно на врвот во стручното образование

Најпрво, сакаме да им порачаме на нашите новозапишани ученици: Направивте вистински избор! Ви посакуваме успешни и среќни средношколски денови. Секако, сакаме да се заблагодариме и на нивните родители за искажаната доверба со тоа што ни ги доверија нивните деца! Нема да ве изневериме,  посочуваат од менаџерскиот и наставниот кадар на СУГС „Марија Кири – Склодовска“.

Ова училиште бележи значителен пораст на запишани ученици во последните четири години за настава на македонски наставен јазик. Оваа година, после двете пријавувања од првиот уписен рок, исполнивме 70% од предвидените места. Среќни сме што младите луѓе, полуматуранти, не’ препознаваат како училиште кое може да задоволи многу од нивните интереси, но, е и место, каде ќе бидат свои и почитувани.

Во понеделник, 29 јуни, ни претстои третото пријавување, од првиот уписен рок од учебната 2020/2021 година. Квалификации каде се’ уште има слободни места се:

Квалификацијата ТЕХНИЧАР ЗА ОЧНА ОПТИКА, која ја нуди единствено нашето училиште во Скопје и околните градови, секогаш била интересна за деветтоодделенците. Нашите наставници – практичари, мајстори на својот занает, ќе ги научат учениците на сите вештини потребни да се изработат очила од секаква потреба. После завршувањето на образованието, учениците, тогаш веќе оптичари, можат да се самовработат, да започнат сопствен бизнис или да работат како помошници на офталмолозите.

Како 4 годишно образование, техничар за очна оптика дава проодност кон сите факултети за понатамошно образование, особено во областа на природните и техничките науки.

Квалификациите ХЕМИСКИ ЛАБОРАТОРИСКИ ТЕХНИЧАР и ТЕХНИЧАР ЗА КОЗМЕТИЧКИ И ХЕМИСКИ ПРОИЗВОДИ, се барани на пазарот на трудот, во хемиската, фармацевтската и прехрамбената индустрија. Наши ученици работат и се докажан кадар во најзначајните компании од овие области. Ќе ја истакнеме АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ, со која имаме Договор за соработка и пракса, со можност за вработување во иднина.

И овие две струки се 4 годишни, со проодност кон сите факултети за понатамошно образование, особено Технолошко – металуршкиот факултет (Металургија, дизајн и менаџмент, Неорганско инженерство и заштита на животна средина, Полимерни материјали, Прехрамбена технологија и биотехнологија, Дизајн и менаџмент на технолошки процеси, Инженерство на материјали и нанотехнологии), Хемиски факултет (Аналитичка биохемија, Применета хемија) и многу други.

Квалификацијата ТЕХНИЧАР ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНА СРЕДИНА  е релативно нова и дефицитарна на пазарот на трудот. Ја препорачуваме на сите кои ја сакаат биологијата и екологијата. Наставата изобилува со предмети директно поврзани со заштитата на животната средина, а се особено интересни за младите како Форензички испитувања, Алтернативни извори на енергија, Анализа (физичка, хемиска и биолошка) на вода, воздух и почва,  Климатски промени и многу други. Овој кадар би си нашол работно место во Лиценцирани лаборатории и Институти задолжени за еколошката проблематика, но и Заводи за јавно здравје, Канцеларии за заштита на животна средина во општините и др.

Како 4 годишно образование, оваа струка нуди проодност кон сите факултети, особено од областа на природните науки: Технолошко – металуршки факултет (Заштита на животна средина, Инженерство на материјали и нанотехнологии), Природно – математички факултет (Екологија, Молекуларна биологија, Биохемија), Хемиски факултет и многу други.

Занимање БОЛНИЧАР/НЕГУВАТЕЛ, дефицитарен кадар на пазарот на трудот. Практичните знаења и вештини ги пренесуваат доктори на медицина. Учениците ќе посетуваат практична настава во медицински институции, домови за изнемоштени лица и лица на кои им треба помош. Доколку младите луѓе сакаат да работат во секторот здравство, но немале успех да се запишат во 4 годишно образование од здравствената струка, ова е вистински избор.

Болничар/ негувател овозможува проодност за 4 годишно образование, редовно и/или вонредно, и здобивање на сите квалификации во ЗДРАВСТВЕНА СТРУКА.

Идни средношколци, кои поради разни причини се’ уште не сте го нашле вашето место, дојдете во СУГС „Марија Кири – Склодовска“! Одберете квалификација или занимање според вашите интереси и станете дел од големото семејство на Марија Кири – Склодовска!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.