Маричиќ- Аксинте: Членството во ЕУ не е само интерес на Македонија, туку и за целиот Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес имаше средба со амбасадорката на Романија во Северна Македонија, Адела Моника Аксинте, на која разговараа за динамиката на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и земјите од регионот, како и предизвиците во овој период со кои се соочува земјата на патот кон отпочнувањето преговори. Притоа амбасадорката Аксинте ја повтори силната романска поддршка за европската интеграција на земјава, посочувајќи дека членството во ЕУ не е само интерес на Северна Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека билатералните односи на двете земји се добри, но дека има простор за нивно подобрување. Во таа насока изрази очекување и подготвеност за продлабочување на соработката со Романија во спроведувањето на европските реформи, како преку ИПА инструментите, така и билатерално и преку споделување искуства во процесот на преговори, преку Твининг механизмот за соработка.

Маричиќ и Аксинте накратко се осврнаа и на актуелната ситуација во Украина, за што романската амбасадорка во земјава, Аксинте, изрази благодарност за нашата целосна усогласеност со санкциите и мерките на Европската Унија кон Русија.​