Маричиќ е позитивен на корона, не замина за Софија

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не е дел од владината делегација која денеска замина за Софија, каде што утре ќе се одржи заедничка седница на двете влади. Тој остана во Скопје затоа што добил позитивен тест на ковид-19. Симптоми, како што објави самиот, нема, но мора да седи во изолација.

„Давам целосна поддршка за процесот на продлабочување на соработката на сите нивоа и во сите области, како и зближување на двата народи, преку видливи резултати од функционирањето на работните групи. Јас нема да бидам дел од владината делегација поради позитивен тест на ковид-19. И покрај тоа што немам никакви симптоми, правилата наложуваат изолација. За жал, нема да сум присутен и на првиот состанок на заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики со која јас копретседавам, но останувам во комуникација со колегите Грковска, Нуредини и Алити, како и со моите бугарски колеги околу деталите и заклучоците од средбата“, објави Маричиќ.

Гордана Милошевска Ваљаковаgordana.miloshevska

Владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски попладнево ќе биде официјално пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник.

Заедничката седница состанок на владите на Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи утре во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.