Маричиќ: Евроинтеграциите не се само стратешки приоритет, туку и дел од домашната развојна стратегија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денеска имаше обраќање на тематската владина седница за ИПА на кое ги информираше министрите за почетокот на процесот на изработка на ИПА програмата за 2023 година,  при што Владата ја разгледа и ja усвои Информацијата за почеток на програмирање на Акциската програма во рамките на ИПА 3.

„Покажавме капацитет за реализација на проекти финансирани од грантовите на ЕУ, но и учество во бројни заеднички секторски политики на ЕУ. Евроинтеграциите не се само стратешки приоритет, туку и дел од домашната развојна стратегија“, рече на седницата вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот и национален ИПА координатор Маричиќ го објасни процесот на „созревање“ на проектите, како и правилата и условите за искористување на поддршката од ИПА на ефикасен начин со цел да се избегне губење на средства. Тој потсети дека целта на спроведувањето проекти финансирани преку ИПА е да се подобри животот на граѓаните, но и да се отворат нови работни места и затоа е клучно да се реализираат навремено и плански.

„Република Северна Македонија во моментов ги спроведува програмите преку Инструментот за претпристапна помош ИПА 2014-2020, а од средината на 2020 година започна со подготовка на програмските документи за спроведување на Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 кои таргетираат одредени сектори како што се транспорт, животна средина, земјоделство“, рече Маричиќ.

Посочуи дека преку овие проекти се обезбедува остварување на националните и секторските стратешки приоритети, кои воедно претставуваат приоритети на Европската унија за земјата во делот на поврзувањето на транспортната инфраструктура, заштита на животна средина и спроведување на приоритети од Зелената агенда, како и поддршката на земјоделството и руралниот развој.

Од Акциската програма во рамките на ИПА 3 се очекува да се утврдат приоритетите за финансирање на владините програми и проекти од овој инструмент за претпристапна помош на Европската Унија и во таа насока вицепремиерот Маричиќ за следната седмица го најави состанокот на Програмската мисија ИПА 2023, на кој ќе бидат присутни и делегати од Европска Комисија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.