Маричиќ на местото на Груби во техничката влада на Џафери

Во техничката влада која треба да ја предводи Талат Џафери, а која Собранието треба да ја избере в недела на 28 јануари, Бојан Маричиќ ќе биде прв вицепремиер задолжен за европски прашања, додека Артан Груби останува вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Висок владин функционер за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и според објаснувањето, ротацијата на Груби и Маричиќ на првото вицепремиерско место е дека првиот заменик на претседателот на Владата треба да биде од спротивната партија во владината коалиција.

Во случајо, претседателот на Собранието Џафери, кој се очекува денеска да поднесе оставка за потоа да биде номиниран за премиер на техничката влада е од ДУИ, партиа од која е и актуелниот прв вицепремиер Груби. Според тоа, прв вицепремиер треба да биде од СДСМ, односно на таа функција ќе биде предложен актуелниот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според владиниот функционер, во техничката влада ќе нема промена на министрите, односно освен министрите за внатрешни работи и за труд и социјала и дополнителните заменици министри во ресорите финансии, информатичко општество, земјоделство, кои доаѓаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, останува актуелниот владин состав.

ВМРО-ДПМНЕ пак, синоќа на седница на Извршниот комитет ги утврди кандидатите за министри и дополнителни заменици министри.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски информираше за одлуките кои биле донесени на седницата на Извршниот комитет на партијата, а се однесуваат на предлозите за министри и заменици министри за техничката владата.

За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат.

За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика.

За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.

Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.