Маричиќ за преговорите со Бугарија: За нас е важно да има сеопфатен документ со јасни правила и обврски за двете страни

Ние сакаме да избегнеме преговарачкиот процес со Европската унија да се претвори во билатерален, но свесни сме дека е задача на Европската комисија и земјите-членки како ќе ја обликуваат таа рамка без процесот да биде доведен во злепа улица на самиот почеток, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во дебатната емисија „Click Plus“ на телевизијата ТВ21.

Вицепремиерот смета дека е добро што спорот со Бугарија е „сведен на неколку клучни прашања“, како што е тоа со статусот на Бугарите во Македонија, а она што е важно за нашата страна, според него, е да има сеопфатен документ.

„Повеќе страни се аспектите на спорот. Едниот е во овој дел на тие четири точки или ’четири плус еден плус еден‘, околу позицијата на Бугарите или бугарската етничка заедница во Северна Македонија и мислам дека тоа сега е клучно прашање, и претседателот Радев го отвори. За нас е добро што целиот спор се сведе на неколку клучни прашања затоа што претходно долго време имавме проблем да сфатиме што точно Бугарија очекува, сака или која всушност е пречката“, рече Маричиќ/

Во сеопфатниот документ, смета вивепремиерот, би биле дефинирани правата и обврските на двете страни односно да се знае што точно од она кое е договорено билатерално ќе се мониторира во преговарачкиот процес со ЕУ, а што не. Не смее, вели Маричиќ, да се дозволи преговорите со ЕУ да се претворат во билатерални.

Доколку во јуни нема почеток на преговори и работата да остане статус кво, како понатаму би се бранел кредибилитетот на Европската Унија и воопшто аспирацијата да се биде дел од ЕУ?

„Не можам да зборувам за Бугарија, но она што нас ни е важно е да имаме еден сеопфатен документ кој ќе ги утврди јасно правата и обврските на двете страни, ќе ги дефинира темите на кои треба да се прават чекори од наша и од бугарска страна, редоследно временски ќе ги утврди чекорите до подигање и по подигање на ветото и ќе ни даде определена предвидливост во преговарачкиот процес со ЕУ во делот на Бугарија. Тоа значи да знаеме што точно од тоа што е договорено како билатерално во таков некој сеопфатен документ на кој начин би се мониторирало во процесот на преговори со ЕУ, а што не може да биде и што не смее да биде таму зошто нема основа со цел да не се претвори тој процес во билатерален процес. Ние тоа сакаме да го избегнеме и да не навлеземе во тоа, но свесни сме дека тоа е задача на Европската комисија и земјите-членки како ќе ја обликуваат таа рамка без процесот да биде доведен во ќорсокак на самиот почеток“, рече Маричиќ.

Кажа и дека по формирањето на новата влада, изминатите 120 дена се работело на менување на сликата и енергијата, меѓутоа по настанот во Битола каде беше отворен клуб „Ванчо Михајлов“, на кој присуствуваше и бугарскиот премиер Кирил Петков, разговорите на некој начин стагнирале.

Од вчерашната средба во Рим меѓу премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски, како што кажа, нема ништо ново туку охрабрување од нив да продолжат разговорите на ниво на министерствата за надворешни работи.

Маричиќ посочи дека притисокот или желбата на САД и ЕУ оди во насока на тоа дека нема време за чекање.

„Чекањето не може да донесе ништо добро, што е точно, и чекањето не може да ја подобри ситуацијата или условите за договор“, вели Маричиќ.

Додаде дека досега не може да каже дека имало притисок за кое и да е клучно прашање што е важмо за македонската страна,

„Минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон имаше телефонски разговори со бугарскиот претседател Радев и со премиерите Петков и Ковачевски. Тоа беа корисни разговори и се покажа интерес и желба од Франција да помогне“, посочи Маричиќ.

Додаде дека се забележува зголеменото француско присуство во регионот и кај нас, што, според Маричиќ, е добро бидејќи доколку претседавачот со ЕУ не е убеден во процесот, тогаш тешко дека ќе напредува дискусијата и на ниво на Унијата.

„Добро е што Франција учествува и прави иницијативи да ни помогне. Досега сите предлози што биле на маса, почнувајќи од Германското претседателство, па и Португалското, беа искористени и се користени во текот на разговорите“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека Португалскиот предлог за нас е прифатлив и нешто што Македонија сметаше дека е фер решение.
Маричиќ, меѓу другото, посочи и дека не гледа расположение за раздвојување на пакетот Македонија – Албанија кон ЕУ.

„Тој став трае од 2019 година. Мислам дека расположението на државите членки кога би ја отвориле вратата за преговори, би било многу поголемо доколку бидат две држави отколку ако биде само една“, вели Маричиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.