Маричиќ за „Јуроњуз“: Предвремените избори не се решение

Сметаме дека предвремените избори не се решение за ништо, напротив мислам дека имаме доволно време да работиме на убедување на дел од опозицијата или во целост за да ги поддржи уставните амандмани, наместо да одиме на брзи избори би требало да го искористиме времето за оваа тешка одлука, рече заменик- претседателот на Владата на Македонија, Бојан Маричиќ во интервјуто за Јуроњуз на грчки јазик, јави дописничката на МИА од Атина.

За процесот на уставни измени објасни дека почна на 18 август и се во тек процедурите за обезбедување двотретинско мнозинство, а првото гласање ќе биде кога ќе се обезбедат 80 од 120 пратеници.

Истакна дека се во отворен дијалог со сите партии и поединци и постои еден и единствениот план- двотретинското мнозинство и работат исклучиво на ова преку, како што рече, комуникација со сите пратеници за да се постигне договор барем со една група од опозицијата.

-Како ќе ги убедиме? Мислам дека секој пратеник има индивидуална одговорност, но и сите партии имаат одговорност да учествуваат во одлуките кои се важни за интеграцијата на земјата во Европската Унија, рече Маричиќ .

Говорејќи за ЕУ перспективата на Западен Балкан посочи дека 2030 е остварлива цел, истакна дека постои моментум што треба да се искористи, но Унијата треба да го задржи ентузијазмот, а земјите кандидати за членки да продолжат со реформите.

-Жално е што чекавме војна за да се создаде моментум за проширување на Унијата со Западен Балкан, бидејќи ветувањето од Солун беше дадено пред 20 години, но, среќни сме што постои моментум, вели Маричиќ

Одговарајќи на прашањето за поддршката за Македонија од соседите на патот кон ЕУ, вицепремиерот истакна дека Грција е силен поддржувач и „без таа поддршка немаше да го имаме ентузијазмот за да одиме напред“.

-За Бугарија е тешко да се каже бидејќи неколку години имаме директно вето, според наше мислење целосно неоправдано и неиспровоцирано, небазирана на европските стандарди и европските вредности. Но, од друга страна го гледаме како реалност, поминавме низ процес на преговори со нив, го имаме пакетот,  ја имаме преговарачката рамка, ги имаме обврските за двете страни и ова е начинот за решавање на нашите разлики, преку дипломатија, преку преговори и преку решавање на тешките прашања, истакна Маричиќ.

За скриниг процесот со ЕУ, вицепремиерот објасни дека завршен е за повеќето од кластерите, остануваат уште два до крајот на ноември и изрази задоволство што извештајот за првите кластери веќе се прифатени во Брисел.

-Не го сфаќаме како процес што ќе ни покаже дека сме совршени, туку е процес што ќе ни покаже како да станеме совршени во иднина, и како да станеме членки на Европската Унија, рече Маричиќ во интервјуто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.