Марин ќе мора да му ги врати вложените пари на инвеститорот кај „Мајчин дом“

Инвеститорот на градбата кај „Мајчин дом“ во скопската населба Аеродром, Фатмир Етеми, најави дека ќе ја тужи општината за стопирањето на градежните активности и ќе бара обештетување.

Тој во интервју за ТВ21 истакна дека парцелата ја купил за три  милиони евра,  а комуналиите го чинеле нешто повеќе од два милиони евра.

Етеми, вели дека поседува правосилна дозвола за изградба на деветкатницата спроти „Мајчин дом“, која, пак е издадена согласно законските процедури. Според него, обидите за попречување на овој проект се само политички и не станува збор за зачувување на зеленилото.

„Постапката на градоначалникот Златко Марин и партиските пресметки на сметка на бизнис заедницата е колатерална штета за странските инвеститори кои на ваков начин можат да се повлечат поради несериозноста кон потенцијалните инвеститори. Постапката на Марин ќе ја оспорам – граѓаните проблемот да го бараат кај локалната власт“, вели  Етеми.

Тој ја спори одлуката на општината за сопирање на градбата во оваа фаза, бидејќи, како што вели, градбата сега може да ја стопира само Управниот суд.

Фатмир Етеми

Сите процедури се завршени и уплатени, а се’ е поминато во одделението за градба. Имам месечна кредитна рата од 183.000 евра и мојата фирма ќе банкротира ако општината привремено ми ја стопира изградбата, каква што е сега ситуацијата. На едната парцела, иако од исплатливост беше многу болно, ја скратив градбата за да остане уредување на зеленило, а на другата парцела која ја имаме добиено ќе има само разеленување. Го намаливме габаритот и квадратурата на зградата и ветивме дека ќе инвестираме во зеленилото, вели Етеми во интервјуто за ТВ 21.

Етеми, посочи дека покрај тоа што ќе бара обештетување од локалната власт, тој нема да се откаже од проектот. А, доколку  општината сака да ја купи неговата парцела, тој е подготвен да ја продаде за околу 5.5 милиони евра.

Спорниот детален урбанистички план И10 во Општина Аеродром и изградбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“, вчера се најде на вонрдедна седница на Советот на општината. На седницата присуствуваат и граѓани, кои порачаа дека ако може Устав да се менува тогаш може да смени и  ДУП, и дека со години нема казни за урбаната мафија . Граѓаните со став дека не е спорна само оваа зграда, туку и многу други во целата општина.

Во средата, градоначалникот Златко Марин информираше дека општината времено ја стопира започнатата спорна градба кај „Мајчин дом“, на 15 денови. Како што посочи,  забраната е врз основа на „неправилности во градилиштето“, кои ги констатирал  инспекторот.

Претходно, пред оградената локација на која веќе беа почнати градежни активности, имаше протести на граѓани, кои бараа да не се уништува зеленилото околу „Мајчин дом“.