Марк Руте: Негзит ќе предизвика хаос во Холандија

Актуелниот холандски премиер Марк Руте изјави дека евентуалното излегување на Холандија од ЕУ (Негзит) би предизвикало тешки последици и хаос во домашната економија.

Според Руте, Негзит ќе ја чини Холандија загуба на најмалку 1,5 милиони работни места, што би создало „хаос“ во земјата и таквата своја позиција ја илустрираше и со ситуацијата во Велика Британија, по изгласувањето на британскиот Брегзит, означувајќи ја како „хаотична“.

Руте учествуваше во во телевизиска дебата во Ротердам со лидерот на крајнодесничарската Партија на слободата (ПВ) Герт Вилдерс, пред утрешните парламентарни избори во оваа земја, што се означуваат како „тест“ за демократијата во Западна Европа и за иднината на ЕУ.

Вилдерс ,меѓутоа, смета дека холандското напуштање на Унијата, по углед на Британија, што тој силно го поддржува, би било „најубавото нешто што би можело да им се случи на Холанѓаните“.

Премиерот и лидер на десноцентристичката Партија на слободата и демократијата, ги повика холандските гласачи да го запрат „домино ефектот“ од популизмот, порачувајќи деке британскиот Брегзит и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, би требало да претставуваат знак за будење на Холанѓаните.

Анкетите пред изборите покажуваат дека првпат, крајната десница и нивниот лидер Вилдерс, кој е против исламот и имиграцијата, се во предност пред традиционалните политички партии.

Партијата на слободата би можела да освои и најмногу пратенички места, но никој во Холандија не верува дека Вилдеср би можел да формира влада, затоа што ниту една од главните политички партии не сака со него да прави коалиција.

Тој се прикажува себе си како холандски Трамп и ветува излегување на Холандија од ЕУ, забрана на Куранот, забрана на муслиманска имиграција и затворање на сите изградени џемии во земјата.