Фудбалерите на Марсеј и Атлетик Билбао беа последните кои во шестото коло од фазата по групи од Лига Европа во четвртокот вечерта се пласираа за 16-финалето.
Марсеј во Групата И на својот стадион „Велодром“ одигра 0:0 против РБ Салцбург што на францускиот претставник му беше доволно за да се пласира во продолжувањето од натпреварувањето. Австрискиот шампион и пред последното коло го осигури првото место во групата, а на францускиот клуб му беше доволен и бод за втората позиција.
Во вториот меч Викторија Гимараеш и Коњаспор одиграа 1:1. Турците поведоа во 15 минута со голот на Мехди Бурабиа, а изедначи Оскар Еступинан во 74 минута.
Во Групата Ј Зарја и Атлетик Билбао во директен судир одлучуваа за тоа кој ќе оди натаму покрај Остерунд. На Украинците им беше потребна победа, а на Баските им беше доволен и бод. На крајот Атлетик славеше со 2:0, со головите на Аритз Адуриз во 70 и на Раул Гарсија во 86 минута.
Бидејќи во вториот меч Херта и Остерунд одиграа 1:1, па Атлетик го освои првото место во групата, а Швеѓаните одат натаму како второпласирани. Остерунд во 88 минута имаше пенал за победа, но Нури не беше прецизен.
Во средбата којашто одлучуваше за првото место во Групата Л, Зенит на гостувањето го совлада Реал Сосиедад со 3:1. Гостите поведоа во 35 минута со голот на Александар Ерохин, изедначи Вилиан Хозе во 58 минута, но шест минути подоцна Бранислав Ивановиќ со „ножички“ ги доведе гостите во ново водство, а победата на гостите во 86 минута ја потврди Парадеш.
Во оваа група настапуваше и скопски Вардар кој во Скопје одигра 1:1 со Розенборг, освојувајќи го историскиот прв бод во Лига Европа, но пропушти низа шанси за убедлива победа.
Арсенал лесно се пресмета со Бате Борисов на својот „Емирејтс“, совладувајќи го белорускиот тим со 6:0 и го освои првото место во Групата Х. Стрелци беа Дебуши во 11, Волкот во 37, Вилширд ов 43, Полјаков постигна автогол во 51, Жиру од пенал беше прецизен во 63 и Енени гаѓаше во 74 минута.
Во втората средба Црвена ѕвезда во Белград го совлада Келн со 1:0 и се пласираше натаму. Победникот го реши голот на Славољуб Срниќ во 22 минута.
Така Црвена ѕвезда му се придружи на Партизан, и двата белградски клуба се изборија за 16-финале во Лига Европа.
Италијанскиот и европски фудбалски гигант Милан во последниот настап во Групата Д беше совладан на гости во Ријека со 0:2. По еден гол за хрватскиот претставник кој се прости од европска пролет, беше постигнат на почетокот од секое од полувремињата, во 7 минута погоди Јаков Пуљиќ а во 47 минута прецизен беше Марио Гаврановиќ.
Во оваа група атински АЕК во Виена со Австрија одигра без голови, што му беше доволно како второпалсиран, по Милан, да се пласира во 16-фианелто.
Фудбалерите на Евертон, кои слабо стојат и во англиското првенство, на простувањето од фудбалска Европа забележаа победа на гостувањето кај Аполон Лимасол со 3:0. Ова беше првата победа на Евертон во Групата Е по четирите порази и едно реми во првите пет кола. Головите ги постигнаа Адемол Лукман во 21 кој го постигна и вториот, а во 87 минута стрелец беше и Никола Влашиќ.
Во вториот меч од оваа група Аталанта го совлада Лион со 1:0 освојувајќи ги првото место во групата, а францускиот претставник исто така се пласираше како втор. Во директниот дуел пресуди погодокот на Андреа Петаган во 10 минута.
Астана во директниот судир за пласман натаму во Прага ја совлада Славија со 1:0, со голот на Марин Аничиќ во 38 минута. Виљареал кој претходно го обезбеди првото место во мечот без значење дома беше поразен од Макаби Тел Авив со 0:1.
Во Групата Д, Динамо и Партизан во Киев играа за првото место во групата а домашните беа убедливи со 4:1. Украинците по половина час игра имаа водство од 3:0, а потоа мирно го приведоа мечот до крајот. Головите за Динамо ги постигнаа Микола Морозјук во 6 минута а хет-трик постигна Жуниор Мораеш во 28, 31 и 77 минута од пенал. Белграѓани намали ја преку Марко Јевтовиќ во четвртата минута од судиското продолжување на првото полувреме.
Во Групата Ц имаше драма до последната минута. Пред последното коло Брага го имаше обезбедено пласманот натаму, а за второто место се бореа бугарски Лудогорец и турски Истанбул Башакшехир, додека Хофенхајм беше без шанси. На Лудогорец за пласман му беше потребен барем бод на гостувањето во Германија и во тоа успеа играјќи 1:1. Домашните поведоа во 25 минута преку Филип Окс, а во 62 минута Вандерсон изедначи за гостите кои во 83 минута останаа со играч помалку по исклучувањето на Кесериу, но успеаја да се одбранат. Во вториот дуел турскиот претставник ја совлада Брага со 2:1, но тоа не му беше доволно.
Во групата Ф, московски Локомотив на гостувањето го совлада Злин со 2:0, освојувајќи го првото место во групата, а натаму оди и Копенхаген кој победи кај Шериф со 2:0. Шериф пред последното коло водеше на табелата и му беше потребен само бод за пласман, но не успеа.