Март бил три степени потопол од просекот и со помалку врнежи

Според информацијата на Управата за хидрометеоролошки работи, измерените температури на воздухот на сите мерни места март 2017 година биле на просечните вредности.

Средните месечни температури се движеле од 5 степени во Маврово и Лазарополе, 6,3˚С во Берово, 8,1˚С во Крива Паланка, 8,8˚С во Охрид, 9,0˚С во Прилеп, 9,5˚С во Битола, 10,9˚С во Струмица, 11,1˚С во Штип, 11,6˚С во Скопје и 11,7˚С во Демир Капија до 12,1 степен во Гевгелија. Споредено со многугодишните просечни вредности тие се повисоки за три степени.

Средните максимални и минимални вредности на температурата на воздухот се над просечните вредности. Максималните температури се повисоки за четири, а минималните за два степена.

Иако значително потопол од вообичаено, историските апсолутни максимални температури не се надминати. Апсолутната минимална температура на сите мерни места освен во Скопје е негативна, во Берово до -5,5 степени.

Во март 2017 не се регистрирани значителни количества врнежи. Најголема месечна сума на врнежи е измерена во Маврово и Лазарополе (64 мм и 53 мм), а најмалку во Скопје и Штип (7 мм и 10 мм). Во Демир Капија наврнале 46 мм, во Гевгелија 42 мм, во Охрид 31 мм, во Струмица и Берово 28 мм, во Битола 25 мм, во Прилеп 24 мм и Крива Паланка 17 мм.

Месечните количества на врнежите во целата земја се под просечните вредности. Најмалку врнежи се регистрирани на мерните места Штип, Скопје и Крива Паланка, а блиску до просекот се врнежите во Демир Капија, Струмица и Гевгелија.

Во текот на месец март, најголемо дневно количество на врнежи е регистрирано во Гевгелија на 9-ти, со вредност од 18 мм.