Мартинез ќе биде новиот селектор на Шпанија

Шпанските медиуми не можат да се помират со елиминацијата на националниот тим од Светското првенство во Катар. Мароко, во пенал серијата со 3:0, ја доби Шпанија, откако по 120 минути фудбал, натпреварот заврши без голови.

Медиумите, јавноста и навивачите најмногу го критикуваат селекторот Луис Енрике и неговата тактика. Енрике по синоќешниот натпревар изјави дека е рано да се зборува за неговиот статус и дека следната недела ќе разговара со челниците на Шпанскиот фудбалски сојуз.

Сепак, шпанските медиуми веќе пишуваат дека само чудо ќе го спаси Енрике од отказ по големиот неуспех во Катар.

Некои шпански медиуми веќе почнаа да шпекулираат кој би можел да биде нов тренер на „Црвената фурија“. Од претходно се шпекулираше со името на Маселињо Гарсија Торал, поранешниот тренер на Валенсија и Атлетик Билбао, а по Мудијалот во преден план излезе името на Роберто Мартинез, кој ја напушти Белгија.

Шпанскиот портал „Онда Серо“, денеска објави дека челниците на Шпанскиот фудбалски сојуз веќе стапиле во контакт со Роберто Мартинез и му ја понудиле селекторската функција. Според овој извор Мартинез ќе ја прифати понудата.

Слично како Шпанија со Луис Енрике и Белгија со Мартинез потфрли во Катар. Белгијците во конкуренција на Мароко, Хрватска и Канада не успеаја да ја минат групата.

Мартинез шест години ја предводеше Белгија, на СП пред четири години г освои третото место. Претходно беше тренер во Евертон и Виган.