Мартинез: Подобар тим сме кога Азар е во нашата соблекувална

Селекторот на белгиската фудбалска репрезентација Роберто Мартинез изјави дека со тага гледал што се случува во Реал Мадрид со капитенот Еден Азар, истакнувајќи дека тој смета на него без разлика на неговата мала минутажа во „кралскиот“ клуб.

„Азар е капитен на репрезентацијата. Тој беше нашиот референтен играч, тој беше еден од највлијателните играчи на Светското првенство во 2018 година. Веруваме дека неговата ситуација во клубот нема навистина да влијае на тоа што го прави во националниот тим. Тој не ја игра истата позиција и го нема континуитетот каков што секогаш го имаше.

Еден придонесува многу за нашата репрезентација, не само на теренот. Не мора да игра за да имаме добра динамика во групата, а неговото искуство е клучно. Ние сме подобар тим кога Азар е во нашата соблекувална“, изјави Мартинез.

Азар оваа сезона одигра само шест натпревари за европскиот шампион, а на теренот помина вкупно 229 минути. Постигна еден гол и еднаш асистираше.

Белгија предводена од Мартинез го освои бронзениот медал на Светското првенство во Русија пред четири години, а Азар го постигна вториот гол во натпреварот за третото место во кој Белгија ја победи Англија со 2-0.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.