Марусија со еден болид во Сочи, трката ќе му биде посветена на Бјанки

Следната трка во Формула 1 ќе се вози во Сочи, Русија, а тимот на Марусија ќе се натпреварува со само еден болид, во знак на почит кон Жил Бјанки, кој се уште се наоѓа во кома по несреќата на трката во Јапонија. Францускиот возач се наоѓа во критична состојба во клиниката во Јапонија, па оваа одлука на неговиот тим наиде на општо одобрување.

Тој излета од патеката на кривината 15 на „Сузука“ кога со голема брзина удри во багерот кој го отстрануваше возилото на Адриан Сутил кој еден круг претходно излета на истиот свиок.

Се огласија и дел од возачите, кои нагласија дека трката во Сочи ќе му ја посветат на својот колега Жил Бјанки кој доживеа несреќа на патеката „Сузука“ во Јапонија и заработи тешки повреди.

„Трката во Сочи ќе биде многу емотивна и тешка за сите возачи во Формула 1. Со мислите постојано сме со Бјанки и сите се надеваме дека сѐ ќе биде во ред со нашиот колега“, вели Алонсо.

Во 2009-та година слична несреќа доживеа и Фелипе Маса, па можеби бразилецот и најдобро знае како му е на младиот Бјанки.

„Трката во Јапонија беше една од најлошите во мојот живот. Се надевам дека сѐ ќе биде во ред со Жил. Мислиме на него“, вели Маса.

Трката за ГН на Русија се вози во недела во Сочи, а ден претходно се закажани квалификациите.