Мас – Коѕијас: Германија заинтересирана за решение за името

Спорот за името меѓу Македонија и Грција бил високо на агендата на денешната средба на шефовите на германската и грчката дипломатија Хеико Мас и Никос Коѕијас во Берлин.

Од германска страна по состанокот уште еднаш била искажана целосна поддршка за изнаоѓање решение на деценискиот спор, јави Дојче Веле. Мас го поздравил развојот на досегашниот тек на преговори и потенцирал дека Берлин со години силно се залага за решение во спорот за името.

„Германија е заинтересирана за решение кое ќе донесе мир и стабилност на Западниот Балкан“, рекол Мас.

Коѕијас информирал дека од вчера експертските работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации заседаваат во Атина со цел да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери.

Нагласил дека спорот треба да се реши затоа што тоа е во интерес и на Грција, а не само на Македонија. Според него, тој и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров сториле сѐ што е во нивна моќ за да ја затворат рамката и да понудат прифатливо решение и сега со темата се занимаваат работните групи.

Шефот на грчката дипломатија синоќа имал средба и со германскиот претседател Франк 0алтер Штајнмајер. Од средбата нема соопштение, освен заедничка фотографија од двајцата политичари, а од кабинетот на Штајнмајер,  нема одговор за кои теми се разговарало.

Официјален Берлин веќе подолго време активно ги следи преговорите во спорот за името и дава поддршка за изнаоѓање решение.  Германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела на таа тема и телефонски разговараше со македонскиот и грчкиот премиер.

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, вчера во Брисел разговараше со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, и порача да не се попречува изнаоѓањето на мирно решение.