Масакр во Белград: Осум ученици и припадник на училишно обезбедување убиени, седум се тешко ранети

Осум ученици и припадник на обезбедувањето на основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград се убиени, а уште седум беа повредени во средата наутро кога 14-годишен ученик на истото училиште, кој е уапсен, пукал во нив се новите податоци кои ги потврди Министерството за внатрешни работи на Србија по невидена трагедија во историјата на српското образование.

Уште шест ученички и една наставничка се тешко повредени и сместени во Ургентниот центар и Детската клиника во „Тиршова“, се вели во соопштението на МВР, откако медиумите, во низа збунувачки и неверодостојни информации, претходно објавија дека професорката по историја загинала откако била ранета.

Две момчиња имаат прострелни рани на нозете, а едно девојче е оперирано со тешка повреда на главата, потврдија лекарите во Тиршова.

Во училишниот двор е пронајден и уапсен ученик од училиштето „Владислав Рибникар“ К.К. (роден 2009 година), осомничен за овој масакр. Полицијата претходно соопшти дека се сомнева дека пукал со пиштолот на татко му.

Полицијата ги повика сите родители кои не успеале да стапат во контакт со своите деца да се обратат во Полициската станица Врачар. Според неофицијални информации, неколку ученици и професори сѐ уште се во училиштето и даваат изјави во полиција и екипи на крим-техника.

„Сите полициски екипи се сѐ уште на терен и интензивно работат на расветлување на сите факти и околности кои довеле до оваа трагедија“, кусо соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.

Во исчекување на официјални информации, одредени медиуми и портали на белградски таблоиди, очигледно кршејќи ги новинарските и моралните кодекси и принципи, се тркаат да објават повеќе детали за убиецот и жртвите, заедно со шпекулациите за можните мотиви и околности на трагедијата. Некои медиуми ги објавија и иницијалите на убиените ученици и името на обезбедувачот.

Градоначалникот на општина Врачар во Белград, Милан Недељковиќ за РТС изјави дека членот на обезбедувањето Драган Влаховиќ, кој починал од повредите, сакал да ја спречи трагедијата.

„Трагедијата ќе беше уште поголема да не застанеше пред момчето што пукаше. Децата се под стрес. Училиштето е затворено. Вакво нешто досега не е забележано во историјата на белградските училишта“, изјави Недељковиќ.

Канцеларијата на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Белград денеска упати сочувство до семејствата и пријателите на жртвите од масакрот во училиштето и поддршка до сите оние кои доживеале траума. Агенцијата на ОН соопшти дека денешната трагедија потсетува „зошто се важни свеста и поддршката за менталното здравје, особено во образовниот систем“.

Шефот на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ на Twitter објави дека е „шокирана и тажна од пукотницата утринава во белградското училиште“. „Моите мисли се со жртвите и нивните семејства“, напиша таа.

 

Пукал во учителката, а потоа неселективно во соучениците

Милан Милошевиќ, татко на еден од учениците во основното училиште „Владислав Рибникар“, изјави дека неговата ќерка била во класот каде што се пукало.

„Таа успеа да побегне. (Момчето) … прво пукаше во учителката, а потоа тој случајно почна да пука“, изјави Милошевиќ за N1.

Полицијата соопшти дека е уапсен седмоодделенец.

„Видов чувар како лежи под масата. Видов две девојчиња чии кошули беа крвави. Велат дека (напаѓачот) бил мирен и добар ученик. Неодамна дошол во нивниот клас”, додаде Милошевиќ, кој дошол на местото на настанот веднаш по пукањето.

Полицајците со шлемови и панцири ја опколија областа околу училиштето. Според медиумите, во еден од кабинетите во училишната зграда бил пронајден ранец со еден пиштол и неколку шишиња со запалива смеса, но засега не е познато кому му припаѓа.

„Видов како деца бегаат од училиште како врескаат. Родителите дојдоа, тие беа во паника. Подоцна слушнав три истрела“, изјави за државната ТВ РТС девојка која посетува средно училиште во близина.

На жртвите им е укажана помош, а истрагата за мотивите на пукањето е во тек, се вели во соопштението на полицијата.

Владата на Србија за попладнево закажа вонредна медиумска конференција на која ќе говорат министрите за образование и здравство и претставник на полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.