Маседи: Иран сака зближување со Саудиска Арабија и ОАЕ

Иранскиот амбасадор во Ирак, Ирај Маседи изјави дека неговата земја е отворена за решавање на несогласувањата со заливските ривали Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати и тоа што „поскоро“.

Иранскиот дипломат порача дека владата на неговата земја „ги поздравува напорите со кои би се решиле проблемите во Ирак или во другите земји од регионот“.

Маседи кажа дека иранскиот командант Касем Сулејмани, кој беше убиен минатиот месец во американски напад со дронови на аеродромот во Багдад, носел порака со иранските ставови во врска со можното зближување со Саудиска Арабија.

-Техеран ја поддржува ирачката улога во настојувањето да се надминат разликите меѓу Иран и Саудиска Арабија, рече Маседи, зборувајќи за неодамнешните напори на Багдад да посредува меѓу регионалните ривали.

Тој кажа дека Иран сака „да ги реши несогласувањата“ со ривалите „што е можно поскоро“.

Шиитски Иран веќе долго време не е во добри односи со сунитските земји од опкружувањето, кои, исто така, се сојузници на САД.

Маседи додаде дека Сулејмани на денот на убиството носел иранска порака „за борба против тероризмот и постигнувањето мир и безбедност во регионот“.Но, додаде, дека неговата земја одлучно ќе одговори на секој можен американски напад во иднина.

-САД мораат да престанат со интервенции во проблемите на нашиот регион и мораат да ги отстранат базите што ги користат во своето терористичко однесување, рече Маседи.