Маск ја пофали поротата за одбивањето на тужбата на вложувачите против него

Еден од најбогатите луѓе на планетата, основач и извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Tesla“ и на компанијата за вселенски летови „SpaceX“, ја пофали одлуката од саботата на поротата на судот во Сан Франциско да ја отфрли колективната тужба којашто против него ја поднесоа инвеститорите во компанијата „Tesla“.

„Му благодарам на Небото, мудроста на народот надвладеа!“, објави Маск на Twitter откако деветте членови на поротата во петокот одлучиле дека тој не е одговорен за финансиските загуби на тужителите на берзата.

„Длабоко го ценам едногласниот став на поротата за невиноста во случајот на приватизацијата на Tesla“, додаде Маск на социјалната мрежа за микроблогирање којашто ланскиот октомври ја купи за 44 милијарди долари.

Судењето беше насочено на две негови објави токму на Twitter од 2018 година, во коишто Маск најави дека сака „Tesla“ да ја повлече од берзата. Односно беше сосредотечено на неговото тврдење дека обезбедил финансирање на тој план и дека ужива широка поддршка од инвеститорите.

Подоцна се покажа дека поддржувачите не се обврзале писмено да го поддржат и дека многу клучни инвеститори сакале „Tesla“ да остане на пазарот на акции. Маск набрзо потоа се откажа од својата намера.

Тужителите беа упорни дека тврдењата на Маск биле измама којашто предизвикала флуктуации во цената на акциите на „Tesla“, поради што тие претрпеле финансиски загуби.

Адвокатот на Маск во текот на правната постапка наведе дека челникот на „Tesla“ можеби бил непрецизен во својот избор на зборовите, но дека усно му биле ветени доволно пари за планот.

Адвокатот на тужителите, пак, пред поротата да ја објави својата одлука, случајно го ослови Маск како „господинот Твит“ во текот на распитот. Милијардерот потоа привремено го промени називот на својот кориснички профил на социјалната мрежа во „Mr. Tweet“.