Маск ги суспендираше профилите на Твитер на новинари од Си-Ен-Ен, Њујорк Тајмс и Вашингтон пост

Твитер синоќа ги суспендираше профилите на неколку истакнати новинари кои неодамна пишуваа за неговиот нов сопственик Илон Маск, а милијардерот одговори со твит дека правилата за забрана за објавување лични податоци важат за сите, вклучително и за новинарите.

Суспендирани се профилите на репортерот на Тајмс, Рајан Мек, новинарот на Пост, Дру Харвел, новинарот на Си-Ен-Ен, Дони О’Саливан и новинарот на Машебл, Мет Бајндер. Суспендиран е и профилот на независниот новинар Арон Рупар кој известува за американската политика.

Портпаролот на „Њујорк тајмс“ изјави дека суспендирањето на профилите на Твитер на голем број истакнати новинари е сомнително и несреќно и оти тие не добиле никакво објаснување зошто тоа се случило.

Си-Ен-Ен соопшти дека суспензиите се загрижувачки, но не и изненадувачки, побара објаснување и додаде дека ќе го преиспита својот однос со платформата врз основа на одговорот.

Твитер, исто така, суспендираше профил кој го следи приватниот авион на Маск во реално време користејќи податоци достапни во јавниот домен. Маск се закани со правна постапка против операторот на профилот поради загрозување на семејството.

Тој, исто така, го суспендираше официјалниот профил на социјалната мрежа Мастодон, која се појави како алтернатива на Твитер откако Маск го купи.

Суспензиите доаѓаат откако Маск повеќепати вети дека ќе ја поддржи апсолутната слобода на говор на платформата што ја купи за 44 милијарди долари во октомври. Тој го врати профилот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше суспендиран од Твитер поради неговите постапки поврзани со нападот на американскиот Капитол.

Откако отпушти илјадници вработени откако беше преземен од Маск, Твитер работи со значително намален број вработени. Сега во голема мера се потпира на автоматизирање на модерирање на содржината, отстранување на одредени рачни прегледи и фаворизирање на ограничувањата на дистрибуција наместо целосно отстранување на одреден говор, изјави пред извесно време новата шефица за доверба и безбедност Ела Ирвин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.