Маск објави нова анкета за „општа амнестија“ за укинатите профили

Претприемачот Илон Маск, нов сопственик на социјалната мрежа за микроблогирање Twitter започна нова анкета за враќањето на корисничките профили, користејќи го истиот метод како и во случајот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, пренесува во четвртокот AFP.

„Дали Twitter би требало да понуди општа амнестија за укинатите профили, под услов корисниците да не го кршат законот и да не се служат со скандалозни спамови? Да/Не“, гласи прашањето на кое требало да одговорат корисниците на оваа социјална мрежа.

Пет часа по поставувањето на прашањето пристигнале одговори од два милиона корисници, кои во големо мнозинство гласала „Да“, односно за повторно активирање на укинатите профили.

Маск по анкетата за Трамп, којашто покажа дека 50 отсто гласале за враќање на профилот на поранешниот претседател, во саботата го врати неговиот акаунт кој без преседан беше суспендиран од поранешното водство на Twitter со образложение дека наводно републиканецот повикувал на насилство, и упадот на Капитол на неговите приврзаници кои и денес сметаат дека претседателските избори во 2020 година биле украдени во полза на демократот Џо Бајден.

„Народот реши. Трамп ќе биде вратен“, објави Маск пред четири дена по 15 милиони одговори во анкетата за враќање на профилот на милијардерот и поранешен претседател.

За „рехабилитацијата“ на Трамп се изјасниле 51,8 отсто од корисниците на Twitter.

„Vox Populi, Vox Dei“ објави тогаш уште Маск, користејќи го латинскиот израз кој значи „Гласот на народот е гласот на Господ“.

Во Twitter уште претходно беа вратени некои контроверзни профили кои беа суспендирани или забранети под големо влијание на политиката, вклучително и на сатиричната интернет страница Babylon Bee и на комичарката Кејти Грифин.