Масовно отпуштање на полицајци во Турција

Околу 350 турски полицајци се сменети од своите позиции во Анкара во текот на ноќта, во најголемата реконструкција на полицијата откога почна истрагата за корупција минатиот месец, јавува денеска турски Си-Ен-Ен.

Од должност е отстранет и заменик-директорот за безбедност во Дирекцијата на анкарската полиција Махмут Азмаз. Тој е назначен во Воената академија Елмадаг. Околу 250 лица, повеќето од периферијата на Анкара, ја презедоа должноста на сменетите полицајци кои сега ќе почнат да работат во сообраќајната полиција. Од сменетите полицајци, 80 се коемсари од одделите за антитероризам, разузнавање, борба со организиран и финансиски криминал, нелегална трговија и кибер-криминал.

Полицијата во Анкара одби да ги коментира овие наводи.

Вкупно 600 полицајци се отпуштени или префрлени на други работни места ширум земјата, од 17 декември, кога почна истрагата за корупција, а во рамките на која се приведени бизнисмени блиски до владата и синови на тројца министри, кои подоцна поднесоа оставки.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.