Масовно тестирање на коронавирус на жителите на Москва

Москва, која со својот регион е жариштето на епидемијата на новиот коронавирусот во Русија, најави во четвртокот започнување на масовна кампања за тестирање за да се одреди вистинското ново на заразеноста и присуството на антител меѓу населението.

„Од петок 70.000 жители на главниот град со случаен избор секој трет ден ќе бидат избрани за ова истражување, кое е единствено во светот. Во секој момент точно ќе знаеме колку московјани се заразени со коронавирусот, и колку развиле имунитет. И најважно, колкава е вистинската динамика на ширењето на болеста“, изјави московскиот градоначалник Сергеј Собјанин во телевизиското обраќање.

Неговата заменичка за социјални прашања Анастазија Ракова прецизираше дека со оваа кампања ќе се направи обид да се открие присуството на антителата, што е клучен елемент за постигнувањето на колективниот имунитет. Додаде дека до крајот на мај со тестирањето со методот ЕЛИСА (ензимско имунисорбетна анализа) ќе бидат опфатени повеќе од 200.000 жители на Москва на дневно ниво со инсталирање на автоматски анализатори на крвта за откривање на антитела на коронавирусот.

Резултатите потоа ќе му бидат соопштени на секој жител со препораки од лекарите, а севкупните резултати од истражувањето ќе бидат објавени и земени предвид кога ќе се носи одлуката за ублажување на рестриктивните мерки кои се на сила во Москва до 31-ви мај.

Русија е втората земја според бројот на заразените, односно 252.245 потврдени слуачи на Covid-19, но само 2.305 починати. Во самата Москва се дијагностицирани речиси половината од случаите или кај 130.716 жители, од кои починале 1.290 луѓе а оздравеле 23.327 пациенти.

Руската престолнина и околниот Подмосковски регион и натаму остануваат во карантин до крајот на мај. Московскиот градоначалник Сергеј Собајнин минатата седмица предупреди дека вистинскиот број заразени во градот можеби е и трипати поголем.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го укина карантинот за целата земја поради епидемијата од новиот коронавирус, и покрај растот на бројот на заразените. Потпирајќи се на податоците од здравствените власти, рече дека брзиот раст на бројот на заразените се должи главно на поголемата стапка на тестирање на населението. Меѓутоа, на регионалните челници им овозможи самите да одлучат дали ќе ги продолжат карантинските мерки во зависност од епидемиолошката ситуација во нивните региони.