Масовно вакцинирање во Белград: Четири зони, 18 пункта и долги редици на саемот

Припадници на Армијата на Србија, полицајци и просветни работници вчера ја примија вакцината на пунктот за вакцинација на саемот и така беше означен почетокот на масовната вакцинација во оваа земја.

Големата хала во рамките на саемот во Белград беше поделена на неколку зони. Во првата зона, на сите што дојдоа да примат вакцина, прво им беше измерена температурата и рацете им беа дезинфицирани. Во втората зона пополнуваа формулар со лични податоци пред вакцинацијата.

Следната зона беше поделена на помали кабини каде луѓето влегуваа за да позборуваат со докторот по општа медицина и да бидат прегледани со цела да се утврди нивната здравствена состојба пред вакцинацијата, како и да се утврди дали постои пречка за истата да ја добијат.

Откако од лекарите ќе добиеја зелено светло за да бидат вакцинирани, луѓето преминуваа во зоната поделена со кабини за да ја примат вакцината. По завршеното вакцинирање беа упатувани во последната зона каде беше неопходно да одморат 15-20 минути за да се утврди несакана реакција. За тоа време вакцинираните ги надгледуваат медицински сестри и волонтери, а екипата на Брза помош спремно чека доколку е неопходно да реагира.

Според градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, на Белградскиот саем дневно може да бидат вакцинирани по 1200 граѓани. Освен овој пункт за вакцинација во Белград, има уште 17, а вакцинацијата ќе се врши и во 17 здравствени домови во градот.