Матеа Стоев нова ѕвезда на македонското писателско небо

По освоената прва награда за најубава поетска творба „Тивко шумолат јаворите“ посветена на животот и делото на писателот Видое Подгорец во мај минатата година, пред Матеа Стоев, како што и самата ќе изјави започнува едно несекојдневно патување кое синоќа го прослави со промоција на својата прва стихозбирка „Мојата шарена стихувалка“, со што воедно ја отвори програмата за одбележување на патрониот празник на училиштето ОУ „Григор Прличев“-Охрид.

На промоцијата поздравен збор имаше в.д. директорката Ивана Маховска Шикалеска која истакна дека да се има ваков ученик е вистинска чест и привилегија и дека училиштето е особено гордо што ја има честа промоцијата на ова поетско првенче на нивната ученичка да се одржи токму во просториите на училиштето во кое Матеа Стоев годинава го завршува основното образование.

Промотор на стихозбирката беше професор Мимоза Сталевска која пред присутните говореше за талентот, желбата и енергијата која Матеа ја имаше за да ја реализира својата замисла.

„Бисерните ѓердани кои Матеа ги нарекува „стихувалки“ се прекрасни во својата непосредност, разиграни во својот хумор, проникливи во својата остроумност, но и поучни, топли, весели и полни со фантазија“, ќе истакне професорката Мимоза Сталевска.

Своја рецензија за делото има писателот Киро Донев кој во Матеа и нејзиниот неповторлив стил на пишување гледа една нова ѕвезда на македонското писателско небо. Автор на насловната страна и илустрациите од стихозбирката е канадскиот ликовен уметник Мајкл Клос кој со особено задоволство и восхитеност од талентот на Матеа Стоев делата ги наслика токму за нејзината стихозбирка  „Мојата шарена стихувалка”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.