Матица го прославува 24. роденден

Книгоиздателството Матица македонска од Скопје деновиве го прославува својот 24-ти роденден.

Родена е во мугрите на осомостојувањето на Република Македонија, растејќи и афирмирајќи се заедно со неа. Публикуваше и реализираше обемна и разновидна продукција со повеќе од три илјади наслови од македонската историографија, публицистика, лексикографија, белетристика и наука.

Објавени се делата од темелниците на македонската книжевност Крчовски, Пејчиновиќ, Цепенков, Прличев, Миладиновци, Рацин, современиците и продолжителите на македонската реч Конески, Шопов, Јаневски, Тодоровски, Павловски, Клетников, Гилевски, Георгиевски, Силјан, Влахов-Мицов, Христова-Јоциќ, Смилевски, Старова, Ристовски, Алексова, Вражиновски, Ќорнаков, Стрезовски, Костов, Мојсова-Чепишевска, како и од младата генерација Пренџова, Мијаковска, Карафиловска, Антоновски, Крајчев и др.

Посебен белег има едицијата Културно наследство во која се објавени капиталните дела „Македонски народни носии“, „Етногенезата на македонскиот народ“, „Македонски манастири“,„Убавините на Македонија“  „Бисери на македонската резба“, „Курбиново„, „Св. Наум“, „Голем град-Преспа“ „Македонски везови“, „Пештерски цркви“, „Народна митологија“.