Матис: Военото решение во Северна Кореја би било „трагедија со незамисливи димензии“

Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис изјави во петокот дека секое воено решение на севернокорејската криза би претставувало „трагедија од незамисливи димензии“, како и дека Вашингтон работи на меѓународен план да се изнајде дипломатско решение.

Северна Кореја ги одби сите апели да ја запре својата нуклеарна програма, дури и од Кина, нејзината долгогодишна и единствена сојузничка, нарекувајќи ја легитимна одбрана.

Во Пјонгјанг работат на развојот на нуклеарни проектили оспособени да достигнат цел на американска територија, а експертите велат дека тестот на новиот проектил во неделата бил уште еден важен чекор во таа насока.

„И натаму ќе работиме на тој проблем. Доколку тргне кон воено решение, ќе биде тоа трагедија со незамисливи димензии. Оттаму, нашите напори се насочени на тоа да соработуваме со ОН, Кина, Јапонија и Јужна Кореја за да изнајдеме излез од оваа ситуација“, изјави американскиот министер за одбрана Џејмс Матис за новинарите во Пентагон.

Ваквата забелешка претставува еден од најјасните знаци дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги искористи сите алтернативи пред да се сврти кон евентуалната воена акција против Северна Кореја.

САД, коишто поради оваа зголемена нуклеарна закана во Јужна Кореја имаат распоредено 28.500 војници, ја повикаа Кина да стори повеќе и да ја заузди Северна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.