Матис заминува од Пентагон два месеца пред очекувањата, го менува Шанахан

Доналд Трамп и Патрик Шанахан

Американскиот претседател Доналд Трамп најави во неделата дека министерот за одбрана Џим Матис че го замени со Патрик Шанахан уште на 1-ви јануари, два месеца порано отколку што се очекуваше.

Извор запознаен со ситуацијата, за Reuters открил дека на претседателот Доналд Трамп му пречи вниманието кое во јавноста ја доби писмото со оставката од Џим Матис во кое имплицитно ја критикува надворешната политика на американскиот челник и пристапот кон воени сојузници на САД, откако претседателот одлучи да ги повлече американските војници од Сирија.

Трамп именувањето на Патрик Шанахан, актуелниот заменик министер за одбрана, го најави со објава на Twitter, нарекувајќи го овој поранешен директор во корпорацијата „Boeing“ – „многу талентиран“. „Патрик има долга листа на достигнувања во текот на работата како заменик министер и во Боинг“, напиша американскиот претседател.

Шанахан во корпорацијата за производство на авиони ја заземал позицијата вип потпретседател. Во Boeing бил ангажиран во цивилни и воени проекти, а посебно во неговата сфера на одговорност биле некои системи на противракетна одбрана и ласерски системи. Од јули 2017 година, беше на позицијата заменик министер за одбрана, должноста на којашто лично го именуваше претседателот Трамп.

Трамп во средата го шокираше светот со одлуката да ги повлече американските единици од Сирија и на микроблогот објави дека Матис ќе се пензионира кон крајот на февруари. Ден потоа Матис поднесе оставка, наведувајќи дека е подготвен да остане да должноста уште два месеца. Од поодамна во Вашингтон се насетуваше разијдувањата меѓу претседателот и неговиот министер за одбрана по бројни клучни прашања.

По твитот на Трамп беше објавено писмото со оставка на Матис, коешто недвосмислено говори за разликите со претседателот по низа прашања, како што односот кон американските сојузници, пристапот на САД кон Русија и Кина. Според него, Трамп може да најде министер за одбрана кој ќе има слични ставови со неговите. Како што објави весникот The New York Times, Матис повеќепати се обидувал да го одврати претседателот од повлекувањето на војската од Сирија.

„Имајќи предвид дека имате право на министер за одбрана чиишто ставови ќе ви бидат поблиски (…), мислам дека оставката е добра одлука“, напиша пензионираниот генерал на корпусот на морнаричката пешадија во писмото во четвртокот.