Матурантите играа квадрил на плоштадот „Македонија“

На плоштадот „Македонија“ денеска (18.05.2018 година,петок) по дванаесетти пат се одржа „Матурската парада “, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“. „Матурската парада“ ја отвори градоначалникот Шилегов.

Матуранти, со завршувањето на средното образование вие затворате едно поглавје во вашите животи, но пред вас се отвораат и многу можности. Ако човек успее младешкиот жар и ентузијазам да ги задржи во текот на целиот живот неминовно ќе постигне успех. Затоа, задржете ги ентузијазмот и енергијата кои сега ги имате и бидете посветени на се што работите во животот за да може да успеете – истакна Шилегов.

Тој им даде ветување на матурантите дека ќе работи Скопје да го направи современ град, пофункционален и безбеден, каде што  тие ќе бидете почитувани и вреднувани,  и  ќе ја гледаат и градат успешно својата иднина.

На годинешната „Матурска парада” во Скопје учествуваа  над 1.000 ученици од 22 средни училишта во Скопје, како и матуранти од 15 средни училишта од Охрид, Струга, Струмица, Гевгелија и од Куманово.

Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите положија заклетва за ненасилство и толеранција.

Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.