Маж со автомобил влетал во пешаци во Германија

Маж во новогодишната ноќ со автомобил влетал намерно во група пешаци во западна Германија, повредувајќи притоа најмалку четири лица.

„Иследниците во моментов сметаат дека станува збор за намерен напад поврзан со ксенофобни ставови на возачот“, се навдува во заедничкото соопштение на полицијата и обвинителството во вторникот.

Возачот е уапсен набргу по нападот во градот Болтроп во покраината Северна Рајна-Вестфалија. Според наводите на истрагата, постојат информации дека станува збор за психички болна личност.

Педесетгодишниот напаѓач првично се залетал кон еден минувач во Болтроп на кој налетал со автомобилот само неколку минути по полноќ, објавија локалните влсти. Пешакот, кој бил цел на првиот напад, успеал да се спаси.

Возачот потоа со автомобилот се залетал во група минувачи во центарот на градот, во која биле Сиријци и Авганистанци. Притоа најмалку четири лица се повредени. Напаѓачот потоа возел до градот Есен, каде што исто така се обидел да се втурне со возилото во група луѓе којашто чекала автобус.

Полицијата го уапсила возачот набргу по нападот. Наводно признал дека е ксенофоб, според тврдењето на локалните власти.