Мажот кој влета во божикната поворка во САД обвинет за пет убиства

Возачот на автомобилот кој во неделата вечерта влета во божикната поворка во градот Вуакеша во американската сојузна држава Висконсин ќе биде обвинет за пет убиства, соопштија во понеделникот американските власти задолжени за истрагата.

„Според сознанијата што ги поседуваме, осомничениот пред извршување на делото бил вмешан во семејна кавга… нема докази дека станува збор за тероризам“, изјави Даниел Томпсон, начелник на полицијата во Вуакеша.

Возачот, 39-годишниот Дарел Брукс џуниор, кој живее во 32 километри југозападно оддалечениот Милвоки, се залетал во масата и притоа со теренското возило уби пет луѓе и повреди уште 48 лица, соопштија полицијата и здравствената служба. Тој бил уапсен близу местото на кое се залетал во поворката.

Загинатите лица се на возраст меѓу 52 и 81 година, а меѓу 48-те повредени има 18 малолетници на возраст меѓу 3 и 16 години. Шест од повредените се во критична состојба, а од нив две се деца.

Според судските документи, Дарел Брукс веќе бил обвинет минатата 2020 година за доведување други лица во опасност, а на 5-ти јануари годинава за инцидент поврзан со семејното насилство.

Во видео снимката која беше објавена на социјалните мрежи и во медиумите, се гледа црвен теренец како со голема брзина се движи кон задниот дел од поворката.

На друга снимка се гледа како полицијата отвора оган врз истото возило додека минува низ уличните бариери. Началникот Томпсон во врска со тоа потврди дека полицајците пукале во возилото, но додаде дека притоа ниеден на учесниците или набљудувачите не е повреден. Истакна и дека од возилото не било пукано.