МБА: Банките се подготвени да ги сервисираат потребите на клиентите на „Еуростандард“ банката

Македонската банкарска асоцијација во соработка со институциите нејзините членки ги превземаат сите потребни активности за да им излезат во пресрет на потребите на клиентите корисници на банкарските услуги од Еуростандард банка, соопшти денес МБА.

Од оваа асоцијација на банките во земјава, додаваат дека вработените лица, пензионерите, корисниците на парични права од социјална и детска заштита и лицата кои остваруваат приливи по други основи имаат можност да изберат една од членките на МБА преку која би сакале во иднина да ги добиваат приливите на парични средства.

Од таму потенцираат дека пензионерите и корисниците на парични права треба само да појдат во банка каде што веќе имаат активна сметка или да отворат нова сметка во банка и не е потребно да побараат одјава.

„И не само за депозитните, банките и штедилници се отворени за рефинансирање и на кредитните производи на клиентите на Еуростандард банка во согласност со нивните деловни политики“, велат од МБА.

Од Македонската банкарска асоцијација уште еднаш нагласуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција, при што сите банки се подготвени да одговорат на потребите на населението и компаниите. „Банките и штедилници се и остануваат сигурни и стабилни“, се вели во соопштението до медиумите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.